Skip to main content

Избори за ректор на УКИМ – ќе се гласа за кандидатите Биљана Ангелова и Дарко Данев

Наставно-научниот кадар на секоја од единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, денеска од 12 до 14 часот со тајно гласање ќе избира помеѓу двајцата кандидати за нов ректор на УКИМ – Биљана Ангелова и Дарко Данев.

Тие се кандидираа на огласот за ректор на Универзитетот, за мандатниот период 16 септември 2026 – 15 септември 2029.

Проф. д-р Биљана Ангелова, која е во трка за втор мандат за ректор, е кадар од Економскиот институт, а проф. д-р Дарко Данев е редовен професор и поранешен декан на Машинскиот факултет на УКИМ.

На веб-страницата на УКИМ минатиот вторник беа објавени програмите за работа на двајцата кандидати за ректор и нивните биографски и библиографски податоци.

Право на глас имаат членовите на единиците (факултети и институти) на УКИМ, кои се запишани во Единствениот избирачки список, што го утврди и објави Универзитетската изборна комисија (УИК).

Пред денешното гласање, според роковникот на активности, изборните комисии на единиците на УКИМ вчера (ден пред изборите) го подигнаа изборниот материјал од УИК.

Резултатите од тајното гласање треба да бидат објавени денеска до вечер, а потоа ќе следува тридневниот рок за приговори по резултатите – од 29 април до 5 мај.

Според временската рамка, предвидени се и термини за евентуално прегласување, заедно со рок за приговори и нивно разгледување, а на 14 мај ќе бидат објавени конечните резултати од изборот на ректор на УКИМ.(МИА)

Поврзани вести