
Во пресрет на туристичката сезона, камери на „Сејф Сити’ ќе добијат и Охрид и Струга, а вакви камери веќе има и на патот Охрид-Кичево.
Во Охрид и Струга се поставуваат 40 сообраќајни камери од системот „Безбеден град“, а проектот засега е во фаза на техничко тестирање и прекршоците сè уште не се санкционираат.
Камерите се поставуваат на повеќе локации, меѓу кои кружните текови на влезовите во Охрид и централното градско подрачје, а дел од опремата претходно беше инсталирана и на патниот правец Охрид-Кичево, кај Горенци, Требеништа, Ботун и Ново Село во Општина Дебрца.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, вели дека до целосното активирање на системот сообраќајната полиција продолжува со засилени контроли со мобилни електронски камери, со цел поголема безбедност и помал број сообраќајни незгоди.
Од полицијата најавуваат дека јавноста навреме ќе биде информирана за локациите на камерите, за прекршоците што ќе се санкционираат и за мерките за заштита на личните податоци.
Системот е насочен кон намалување на брзото возење, опасното претекнување и непрописното паркирање, особено во периодот на зголемен туристички сообраќај.

Македонски



