
На денешен ден, пред 95 години, е роден Јован Стрезовски – една од живите легенди на современата македонска книжевност. Токму на овој датум, како достоинствен книжевен поклон кон неговото дело и како подарок за читателите, пред јавноста е неговата нова книга „Знаменија небесни и земни“ во издание на „Панили“, обемно дело со кое Стрезовски го враќа краткиот расказ на голема врата во македонската книжевност.
Книгата носи раскази распоредени во повеќе циклуси, сите обединети под знакот на знаменијата – небесни и земни, видливи и невидливи, човечки и судбински. Во нив Стрезовски го отвора просторот меѓу животот и тајната, меѓу земното искуство и вечната загатка, меѓу човековата судбина и оние скриени знаци што само внимателниот, обдарениот и духовно будниот може да ги препознае.
Ова не е само нова книга во богатата библиографија на Стрезовски. Ова е книга што го враќа краткиот расказ во центарот на вниманието – токму во време кога книжевната сцена сè почесто го става романот во преден план. „Знаменија небесни и земни“ е исклучително дело коешто покажува дека расказот и натаму може да биде моќна, современа и естетски висока книжевна форма.
Расказите во книгата се напишани со згуснат, прецизен и лирски обоен израз. Во нив се преплетуваат прозата и поезијата, нарацијата и рефлексијата, сликата и мислата. Секој расказ отвора посебна врата: кон човечката душа, кон животната судбина, кон некоја премолчена вистина или кон таен свет што се открива само на миг – како знак, како предчувство, како знаменување. Оваа книгане му е дотолку потребна на самиот Стрезовски, туку во овој момент ѝ е потребна на современата македонска книжевна стварност.
Јован Стрезовски е поет, раскажувач, романсиер, сценарист и преведувач, автор на педесетина книги за возрасни и за млади. Неговиот творечки пат опфаќа поезија, расказ, роман, литература за деца, сценарија и драми, а неговото дело е вградено во повеќе антологии во Македонија и во странство. Добитник е на високи книжевни признанија, меѓу кои „11 Октомври“, „Стале Попов“, „Гоцева повелба“, „Книжевно жезло“ и „Ацо Шопов“. Како долгогодишен директор на „Струшките вечери на поезијата“, Стрезовски е и една од личностите што оставиле силен белег не само во македонската книжевност, туку и во македонскиот културен живот воошто.
Токму затоа, објавувањето на „Знаменија небесни и земни“ по повод 95 години од неговото раѓање има посебна симболика: тоа е честитка кон авторот, но и подарок за читателите – книга што се чита како мудрост, како приказна, како тивка опомена и како траен запис за човекот пред големите прашања на постоењето.
Книгата е достапна во книжарниците на „Матица македонска“, како и онлајн преку веб-страницата на „Матица“. Таа е дел и од големата акција „Априлско разлистување“, во која читателите можат да изберат книги по значително намалени цени и да ја обноват својата домашна библиотека со вредни наслови од македонската и светската книжевност.
Во месецот кога книгите повторно се „разлистуваат“, новата книга на Јован Стрезовски доаѓа како вистинско книжевно знамение: потсетување дека големите автори не припаѓаат само на минатото, туку и на сегашниот миг – секогаш кога нивниот збор повторно ќе најде читател.

Македонски



