Skip to main content

Продолжува приказната што освои десетици илјади читатели: „Синот на кројачот“ од Јелена Бачиќ Алимпиќ веќе се печати на македонски

Само неколку недели по регионалната премиера, најновиот роман на една од најчитаните и најбараните авторки на овие простори, Јелена Бачиќ Алимпиќ, доаѓа и пред македонската публика. „Синот на кројачот“ веќе се печати на македонски јазик и наскоро ќе пристигне во книжарниците на „Матица македонска“.

Станува збор за долгоочекуваното продолжение на бестселерот „Кројачот“, романот што освои десетици илјади читатели. Новата книга беше објавена во Србија на почетокот од јули, а уште во првите денови се искачи на првото место на листата „Топ 40 белетристика“ на издавачот „Лагуна“. Благодарение на „Матица македонска“, македонските читатели ќе можат да ја прочитаат на македонски набргу по објавувањето на оригиналот.

„Синот на кројачот“ ја продолжува судбината на семејството Бајер и ги отвора страниците што останаа неискажани во „Кројачот“. Во средиштето повторно се Олгица и Јакоб – сестрата и братот што животот, годините на разделба и премолченото минато долго ги држеле далеку еден од друг.

Кога повторно ќе се најдат еден пред друг, во сенката на прекрасна градина започнуваат да си ги раскажуваат животите што ги воделе одвоено. Секоја исповед отвора стара рана, а секое сеќавање открива нов дел од семејната историја.

Зошто Олгица го напуштила домот токму на својот осумнаесетти роденден? Од што бегала? Што понела со себе и што се случувало во годините за кои Јакоб не знаел ништо?

Одговорите водат од Белград до Ерусалим. На тој пат Олгица ќе пронајде нов дом, луѓе што ќе ѝ подадат рака и надеж дека може да започне одново. Но ќе се соочи и со искушенија што засекогаш ќе го променат нејзиниот живот. Додека ја слуша нејзината исповед, Јакоб сфаќа дека минатото во кое верувал било исполнето и со невидливи жртви, погрешни избори и вистини што предолго чекале да бидат изговорени.

„Синот на кројачот“ е возбудлива и длабоко емотивна семејна сага за изгубените години, простувањето и искупувањето; за љубовта што им се спротивставува на времето и на оддалеченоста; за храброста да се прифати сопственото минато и да се побара нов почеток. Со препознатливото динамично раскажување, Бачиќ Алимпиќ ги преплетува интимните човечки судбини со историските околности и создава приказна исполнета со драматични откритија, силни чувства и неочекувани животни пресврти.

Роман создаван во најболниот период од животот на авторката

Зад новата книга се крие и мошне лична приказна. Јелена Бачиќ Алимпиќ го довршувала романот по смртта на својата мајка, во еден од најтешките периоди од својот живот. На промоцијата во Белград таа откри дека токму љубовта и поддршката од читателите ѝ дале сила да го заврши ракописот.

Оттаму, особена длабочина во романот добиваат врските меѓу родителите и децата, копнежот по домот и болката по луѓето што нè поврзуваат со нашите почетоци. Тоа е и најинтимната нишка на книгата: сознанието дека животот е минлив, но љубовта што сме ја добиле и сме ја оставиле зад себе продолжува да трае.

„Животот има крај. Љубовта нема“ е пораката под која авторката ја испишува оваа приказна за разделбата и повторното пронаоѓање, за вистината што може да рани, но и да ослободи, и за среќата за која никогаш не е предоцна.

Јелена Бачиќ Алимпиќ е едно од најпрепознатливите книжевни имиња во регионот и авторка чии нови романи читателите со нетрпение ги очекуваат. Приказните за големите љубови, семејните драми, силните жени и судбинските пресврти ѝ донесоа бројна и верна публика и во Македонија.

Целокупната понуда на нејзините романи објавени на македонски јазик може да се најде во „Матица македонска“: „Рингишпил“, „Писмото на госпоѓа Вилма“, „Последната пролет во Париз“, трилогијата „Казна за гревот“, „Куферот од Берлин“, „Никаде те нема“, „Неговите бели ракавици“, „Некој друг живот“, „Не сум виновна“, „Клетва“, „Последните часови“ и „Кројачот“.

На оваа низа наскоро ѝ се придружува книгата што читателите ја очекуваа – „Синот на кројачот“.

Македонското издание веќе се печати, а наскоро ќе биде достапно во книжарниците на „Матица македонска“ и преку нејзината онлајн-продавница.

„Кројачот“ ја започна приказната. „Синот на кројачот“ ја открива вистината што предолго молчела.

Поврзани вести