
ВМРО-ДПМНЕ остро ги критикува СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче, оценувајќи дека партијата станува „сè поарогантна“ и „целосно оттурната од реалноста“.
Во соопштението се наведува дека раководството на СДСМ не се соочува со сопствените слабости, и покрај критиките од јавноста и, како што тврдат, од поранешни членови и функционери на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека реакциите на СДСМ по изборите во Унгарија се обид за, како што велат, „барање утеха во туѓи политички приказни“, нагласувајќи дека победничката партија Тиса ја сметаат за блиска до нив, а не до СДСМ.
Партијата го обвинува Филипче дека дава коментари за низа теми, но избегнува ставови кога, според нив, се демантирани неговите тврдења. Како примери ги наведуваат изјавите за стратешкиот договор со Обединетото Кралство и за тарифите од САД, за кои велат дека останале без дополнителен одговор по официјалните реакции.
Во соопштението се осврнуваат и на, како што наведуваат, постигнувањата на Владата, посочувајќи дека е затворен процесот на постмониторинг со Советот на Европа, за што тврдат дека претходната власт не успеала да го реализира.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ е во континуиран пад, наведувајќи дека партијата освоила околу 130 илјади гласови на последните локални избори и прогнозираат дополнително намалување на поддршката.
Дополнително, се посочува дека СДСМ влегува во конфликти со сопартијци, поранешни функционери и медиуми, додека истовремено, како што тврдат, се обидува да ја пренасочи јавната дебата со обвинувања за „црни кампањи“.
„СДС и Венко Филипче треба да се фокусираат на состојбите во сопствената партија, затоа што со вакво темпо ја носат кон раб на исчезнување“, се наведува во соопштението.

Македонски


