Skip to main content

Данската писателка Ане Бјорн во Скопје ќе одржи четири работилници за деца

Данската писателка и илустраторка Ане Бјорн на 20 и 21 октомври ќе престојува во Скопје, каде што ќе одржи четири креативни работилници за деца во соработка со училишта и библиотеки, а инспирирано од нејзината книга „Магичен поглед“. Работилниците ќе им овозможат на најмладите читатели да ја истражуваат моќта на цртањето и раскажувањето, да ја развиваат својата имагинација и да откријат како сликите и зборовите можат да ги изразат и најсложените и најтешките чувства.

Преку два различни концепти, приспособени на возраста на најмладите читатели, Ане Бјорн ќе ги поттикне децата да размислуваат креативно, да ги споделуваат своите идеи и да го откриваат светот од различни перспективи.

Работилницата „Што гледаш ти, а другите не го гледаат?“, наменета за деца на возраст од 7 до 8 години, ќе ги охрабри учесниците преку цртање и визуелно изразување да ги истражуваат големите емоции и начините на кои ги доживуваат и надминуваат тешките или непријатните ситуации. Поаѓајќи од идејата дека секој човек го гледа светот на свој начин, работилницата ќе им даде простор на децата да ги изразат своите чувства и да откријат што сè може да се сокрие зад една слика.

Втората работилница, „Како да создадам своја сликовница?“, наменета за деца на возраст од 9 до 10 години, ќе ги воведе учесниците во креативниот процес на создавање книга. Работејќи во мали групи, децата ќе создаваат кратки приказни и илустрации, со што ќе имаат можност да ги спојат зборовите и сликите и да искусат како од една идеја се раѓа сликовница, а при тоа истражувајќи и искажувајќи дел од себе.

Работилниците се поврзани со сликовницата „Магичен поглед“, преведена од дански на македонски јазик од Лара Крстева-Ичокаева, имагинативна и емотивна приказна за едно девојче од бегалско семејство кое од својата баба учи како да открива убавина, светлина и надеж дури и во свет обележан со суровост и разурнување. Со помош на едноставен, но волшебен гест – покривајќи го едното око со два прста – девојчето успева да види нешта што инаку остануваат незабележани: златни палати во мрачни шуми и сирени во длабокото море.

Преку оваа топла и безвременска приказна, Ане Бјорн ја истражува способноста на детската имагинација да создава поинакви светови и да ја зачува надежта дури и во најтешките околности.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерствата за култура на РС Македонија и е достапна во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.

Работилниците ќе се одржат на 20 и 21 октомври со поддршка на Општина Центар а во соработка со основните училишта „Војдан Чернодрински“, „Невена Георгиева-Дуња“ и „Панајот Гиновски“ од Скопје, како и со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и „Другарче“.

Ане Бјорн (1984) е данска писателка и илустраторка чии сугестивни илустрации им даваат форма на чувствата и доживувањата што често тешко се изразуваат со зборови – соништата, стравовите, тагата, лутината и имагинацијата. Дипломирала историја на уметност, а својата прва сликовница, „Кога ноќта исчезна“, ја објавила во 2015 година. Оттогаш има објавено повеќе наградувани дела, меѓу кои и „Магичен поглед“ (2021).

Поврзани вести