
Вчеравечер во просториите на македонскиот КИЦ Загреб, со драмска работилница под водство на маестралната Снежана Коневска Руси, започна мултимедијалниот проект за деца „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција. На работилницата учествуваа 15 деца од основните училишта во Загреб кои го изучуваат македонскиот јазик и култура под менторство на Деспина Белчовска Велинска.
Основата околу која се движи магијата е книгата „Магичниот круг на детството ” од авторката Татјана Гогоска. Приказните за Најденко и Силјан штркот, децата ги разиграа подготвувајќи се за промоцијата која ќе се одржи во недела на 19 април во 19 часот.

Проектот денеска продолжува со работилница за креативно пишување, под менторство на авторката на книгата Татјана Гогоска, во ОУ Август Харамбашиќ, додека утре ќе биде реализирана работилница за илустрација на книги за деца под менторство на ликовниот уметник Кристина Таневска , во ОУ Никола Тесла во Загреб.

Реализацијата на проекти посветени на најмладите во рамките на годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб е еден од нашите приоритети имајќи предвид дека тие се клучни за негување на македонскиот јазик кај најмладите, за славење на убавината на детството, како и за поттикнување на креативноста и уметничкото изразување кај децата, истакна директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
Проектот „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб поддржан од Министерството за култура и туризам.

Македонски


