
„Сцени од ателјето“ е насловена најновата самостојна изложба на македонската уметница Ивана Настески во Загреб, Хрватска која е предвидена да се отвори во Македонскиот културно информативен центар вечерва со почеток во 19 часот. Изложени ќе бидат 22 уметнички слики од најновата продукција на акварели на Ивана Настески, која во иста техника ја имаше изложбата „Флора” со што одбележа 20 години континуирано ликовно творештво.
-Темата е неслучајно одбрана. Таа е посветена на сите малечки и навидум (не)видливи елементи, објекти со кои лично, како автор сум секојдневно опкружена. „Сцени од ателјето“ е изложба која произлегува од моето секојдневно набљудување на светот околу мене од предметите, светлината, цветовите, овошјето и малите светови, налик на сценографии кои често минуваат незабележано. Ателјето за мене не е само простор во кој се создава. Тоа е место на тишина, набљудување и разговор со бојата. Во него секојдневните предмети добиваат поинакво значење. Она што во обичниот поглед е едноставно, низ акварелот станува повод за истражување на светлината, формата, атмосферата и чувството, вели Ивана Настески.
Изложбата во Загреб е дел Годишната програма на Министерството за Култура и туризам на Македонија за 2026 година.
Ивана Настески е родена 1981 година во Тетово. На Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“-Скопје во 2004 има дипломирано на одделот графика, а во 2009 и магистрирала на одделот графика и графички техники.

Македонски

