Skip to main content

Фестивалот „Сепак се врти“ започна кампања за финансирање на овогодишното издание

Музичкиот фестивал „Сепак се врти“ отвори кампања за онлајн донации за финансирање на овогодишното издание на манифестацијата. Организаторите на фестивалот, колективот „Гола планина“, беа принудени на ваков модел на финансирање, откако не добија поддршка од Министерството за култура и туризам, и покрај тоа што Министерството го поддржа успешното ланско издание на фестивалот.

Кампањата се спроведува преку македонската „crowdfunding“ платформа eCrowd и е достапна на следниот линк.

Станува збор за музички фестивал од патувачки тип кој има за цел децентрализација на културата и промоција на млада локална авторска музика. Програмата се организира на централни и лесно пристапни локации низ повеќе градови во државата, со цел доближување на алтернативната култура до луѓе и млади кои можеби претходно не биле запознаени со оригиналноста и разновидноста на музиката креирана во својата држава.

Оваа година караванот ќе ги посети Охрид, Кичево, Кавадарци и Скопје во текот на четири саботи во месец мај. Фестивалот започна со еднодневно издание во Скопје во 2024 година, па премина во својата повеќеградска форма минатата година, кога во текот на два викенди караванот помина низ Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица, Куманово и Скопје.

Фестивалот стана еден вид „куќна слава“ на музичкиот колектив „Гола планина“, кој, впрочем, слави пет години од своето постоење токму во мај. Низ сите тие години, колективот неуморно работи на поддржувањето и воздигнувањето на локалните млади авторски бендови, преку изадаваштво и организирање на локални и меѓународни концерти и турнеи.

Поврзани вести