
Пакистан предложи да биде домаќин на нова рунда преговори меѓу САД и Иран во Исламабад, што би се одржале наредните денови, пред истекот на двонеделното примирје, соопштија официјални пакистански претставници.
Според неименуваните претставници на Исламабад, одлуката за тоа каде би се одржале евентуалните следни разговори зависи од тоа дали Вашингтон или Техеран ќе побараат друга дестинација.
Еден од функционерите кој инсистирал на анонимност изјавил дека независно што првата рунда разговори завршила без договор, тоа е дел од преговори како континуиран дипломатски процес, а не изолиран обид.
САД и Иран постигнаа договор за двонеделно примирје што стапи на сила на 8 април, по 40 дена воени судири.
Воениот конфликт почна на 28 февруари, со напади на САД и Израел врз Иран, по неуспехот на преговорите за иранската нуклеарна програма. Техеран одговори со ракетни напади врз Израел и повеќе земји во регионот, наведувајќи го американското воено присуство како причина за своите акции.
МИА

Македонски


