
Цената на барел сурова нафта повторно се качи над 100 долари за барел и вчера изнесуваше 104 долари, што е за 9 отсто повеќе од саботата, пред почетокот на разговорите меѓу САД и Иран, кога изнесуваше 95,2 долари. Дали последниот раст на цената на нафтата на светските берзи ќе ја промени најавата за ново намалување на цените на горивата? Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека се исполнети условите да се намалат акцизите за дизелот за 4 денари, а на бензините по 2 денара за литар. Поради тоа, со денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика се очекува бензините од 95 и од 98 октани да поевтинат за околу 1,5 денари за литар, додека дизелот се очекува да биде поевтин за 2,5 денари.
– Берзата за нафтата се затвори во четвртокот, поради велигденските празници и нашите калкулации покажуваат дека дизелот требаше да поскапи некаде околу 7 денари, а бензините 1,5 до два денари. Со промената на акцизите, претпоставувам дека цената на дизелот в понеделник ќе се коригира за околу 3 денари. Имајќи предвид дека полека, но сигурно истекува попустот што го дава „Окта“ од 3 денари за дизелот, ќе ги обновиме разговорите со неа за да видиме дали ќе го продолжи попустот и понатаму – изјави Мицкоски.
Доколку продолжи договорот со „Окта“, ќе нема зголемување за дизелот од максималната цена што ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика. За бензините значи дека ќе поевтинат околу половина денар и доколку „Окта“ го продолжи попустот од два денари за литар, тоа значи дека ќе имаме повторно намалување за 2,5 денари на цената на бензините.
Намалената акциза ќе влијае со десетици милиони евра на буџетот, но додаде дека во буџетот има доволно средства поради домаќинското работење, рече Мицкоски и најави дека за уште две недели ќе продолжи и мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти, а за понатаму, како што кажа, ќе се следи состојбата и ќе се реагира навреме.
Најавата доаѓа во момент кога Владата подготвува нов пакет мерки за цените на храната, кои треба да се донесат денеска, на владина седница. Министерството за економија и труд, по добиениот извештај од Државниот пазарен инспекторат, треба да излезе со анализа за движењето на цените на основните прехранбени производи, по што ќе се одлучува дали ќе има нови мерки и каков ќе биде нивниот опфат. Инаку, Инспекторатот направил над 140 контроли со кои се опфатени над 800 продажни места и се извршени инспекции на производители, увозници, дистрибутери, локални поголеми маркети и на синџири маркети. Се проверувале цените на основните прехранбени производи, средствата за лична хигиена, средствата за чистење, детската и бебешката храна и другите детски производи.
Од Владата посочија дека мерките нема да бидат општи, туку насочени кон одредени категории граѓани и кон основните прехранбени производи. Во најавата се мерки како намалување на ДДВ и ограничување на профитната маржа на трговците.
Глобалните случувања со конфликтот на Блискиот Исток се одразија и на домашните цени. Пред Велигден поскапеа јајцата, маслото за јадење, лебот и белите печива. Се забележува поскапување кај речиси сите производи, но најголемото е кај овошјето и зеленчукот.
Сето ова резултираше и со повисока инфлација, која од почетокот на годинава почна да се намалува. Во март, Државниот завод за статистика измери речиси 5 отсто инфлација во споредба со тој месец лани. Кај цените на мало, пак, има зголемување од 3,4 отсто.
На сила остануваат мерката за намалување на ДДВ за бензините и за дизелот од 18 на 10 проценти и одлуката за усогласување на акцизите, со која Регулаторната комисија за енергетика може да постапува.

Македонски


