Skip to main content

Промоција на романот „Извештајот на Рената“ од Кристина Краличин во КИЦ Скопје

Романот „Извештајот на Рената“ од Кристина Краличин, во издание на издавачката куќа „Чудна шума“, ќе биде промовиран вечерва во 19 часот во Културно-информативниот центар во Скопје (Салон 19:19). За делото ќе зборува Билјана Црвенковска и авторката. Промоцијата на романот „Извештајот на Рената“ ќе биде збогатена со изложба на 10 акрилни слики на платно од уметницата Жаклина Николовска, создадени како визуелна рефлексија на темите, ликовите и просторот во кој се одвива дејството на романот – Јужноафриканската Република.

Преку оваа синергија на литературата и ликовната уметност, настанот нуди заокружено уметничко доживување, во кое текстот и сликата се надополнуваат, отворајќи нови слоеви на интерпретација и емоција.

Во зелените појаси и речните богатства на Африка, каде што корените на дрвјата баобаб ги прегрнуваат тајните на исчезнатите цивилизации, започнува патувањето на Рената Браун – млад и генијален археолог и палеограф, чие истражување на мистеријата од старите записи ја вовлекува во неизвесност. Како што се приближува до откритието на клучните факти, Рената се наоѓа на линијата помеѓу научната експертиза и личните ризици, каде секој чекор ја носи поблиску до откривањето на вистината во записите.

„Извештајот на Рената“ е повеќе од обичен крими роман – тоа е вешто споена комбинација на научни принципи, историски настани и археолошки истражувања, која поставува прашања за минатото, но и за самиот човечки дух. Овој роман го истражува човечкото стремење кон знаење, како и неизвесноста која го придружува во потрагата по откритија кои можат да се претворат во искушенија. Во дилемата помеѓу нејзината должност како истражувач и опасностите на откритието што носи последици, Рената мора да одлучи до кој степен е подготвена да се впушти во мистеријата што може да ја промени не само нејзината кариера, туку и нејзиниот живот.

Кристина Краличин е македонска писателка, поетеса и романсиерка со изразено национално и меѓународно присуство. Таа е дипломиран професор по италијански јазик и книжевност и американски студии (Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје), магистер по европски студии и меѓународна економија, како и алумни на Tufts University – Fletcher School (САД), од областа на лидерство и финансиска инклузија. Авторка е на 11 објавени книги – шест збирки поезија и пет романи, објавени на македонски, италијански и англиски јазик, во земјата и
странство. Нејзиното книжевно творештво е застапено во бројни меѓународни антологии, а дел од прозата е предмет на научна и фразеолошка анализа во рамки на современата македонска литература.

Во октомври 2025 година е назначена за Амбасадорка на Стародавната aкадемија на Парнас за земјите на Балканот (Каникати, Италија), како признание за високата уметничка и културна вредност на нејзиното творештво. Добитничка е на повеќе меѓународни книжевни награди и признанија за поезија во Италија, со први награди, финалистички пласмани
и почесни спомнувања. Краличин е основоположник и организатор на регионалниот поетски конкурс „Арс Лирика Балканика“, замислен како долгорочна платформа за афирмација, вмрежување и меѓукултурен дијалог меѓу современите поети од Балканот, со јасна ориентација кон книжевна извонредност и културна соработка.

Членка е на MENSA, уредничка и дописничка за италијански културни портали, а за својата работа редовно информира преку www.kralichin.com. Изданието е финансиски поддржано од македонското Министерство за култура и туризам.

Поврзани вести