
Во Младинскиот културен центар вечер ќе биде отворена студентската тематска изложба „Дисторзии“ која ќе биде отворена за посетители до 19 април годинава.
Како што соопштуваат организаторите, изложбата претставува обид за внимателно и критичко разгледување на системската дисторзија како општествен и институционален феномен што директно влијае врз обликувањето на младинската креативност и начинот на кој младите автори ја перцепираат сопствената позиција во општеството.
-Во рамките на изложбата учествуваат студенти од Европски Универзитет, кои преку сликарство, инсталација, мултимедија и интердисциплинарни практики создаваат дела што не се само визуелни изрази, туку и обиди за разбирање и артикулација на состојбите што ја дефинираат нивната генерација. Нивните работи допираат до прашања како искривувањето на вредносните системи, нарушените перспективи, притисокот врз индивидуалниот израз, но и начините на кои младите се адаптираат или пружаат отпор во такви услови – стои во соопштението.
Проектот е организиран од Ана-Марија Матх, во соработка со визуелната уметница Ана Трајковска, која учествува како селектор на авторите.
Со „Дисторзии“ се отвора простор за дијалог — не само за уметноста, туку и за пошироките општествени процеси што ја обликуваат. Во тој контекст, изложбата претставува и покана за размислување: како живееме, како создаваме и како се позиционираме во системи што често нè менуваат повеќе отколку што сме свесни – дополнуваат оттаму.

Македонски


