Skip to main content

Сведоштво во судењето за „Пулс“: Го ставиле син ми за управител, не знаел ни што значи тоа

Во судницата во Идризово продолжи судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 63 млади лица. Пред Судот сведочеше Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски, кој изјави дека неговиот син формално бил поставен за управител на фирма поврзана со дискотеката, без да биде запознаен со обврските и без да има реална улога.

Според сведочењето, кога дознал за функцијата, го прашал синот дали знае што значи да биде управител, по што добил одговор дека за работите се грижат други лица и дека бил замолен само формално да биде назначен. Таткото нагласи дека неговиот син не работел во дискотеката, туку бил шанкер во кафуле во Кочани и само повремено помагал при реновирање непосредно пред трагедијата.

Карадаковски посочи дека бил загрижен кога дознал дека синот е запишан како управител и веднаш побарал да се повлече од фирмата. Како што наведе, му укажал да излезе од структурата, а одговорот бил дека постои кредит кој треба да се затвори и дека работата ќе се среди, по што таткото понудил лично да интервенира доколку е потребно.

Одбраната на обвинетите реагираше на исказот, оценувајќи дека е контрадикторен и дека не придонесува за расчистување на случајот. Воедно беше посочено дека дел од повиканите сведоци одбиваат да сведочат, што предизвикува загриженост кај семејствата на жртвите за можност од одолговлекување на процесот.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на концерт на групата ДНК, кога пиротехнички средства го запалиле таванот изработен од запалив материјал. Во несреќата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Судењето продолжува со изведување нови докази и сведочења со цел утврдување на одговорноста за трагедијата.

Поврзани вести