
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека тензиите на Блискиот Исток продолжуваат да ескалираат и дека целиот регион е „во пламен“, коментирајќи ги заканите на американскиот претседател Доналд Трамп против Иран.
Констатираме дека нивото на тензии во регионот продолжува да расте. Фактички, целиот регион е во пламен. Негативните последици од агресијата против Иран се опасни. Географијата на конфликтот се проширува и сега сите ги чувствуваме последиците – изјави Песков, пренесува ТАСС.
Истовремено, Песков се осврна и на инцидентот во Србија, нагласувајќи дека експлозивот пронајден во близина на гасоводот што пренесува руски гас кон Унгарија бил потенцијално многу опасен. Тој изрази надеж дека Будимпешта и Белград ќе преземат соодветни мерки за справување со оваа закана.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера свика итна седница на Советот за одбрана по откривањето на експлозивот во близина на гасоводот „Турски тек“. Орбан посочи дека Украина со години се обидува да ја отсече Европа од руските енергенси, иако не го обвини директно Киев за овој конкретен инцидент. Украинското Министерство за надворешни работи ги отфрли сите обиди за поврзување на Киев со настанот.
Песков додаде дека засега не е јасно кој стои зад инцидентот, но потсети на претходни акти на саботажа врз критична инфраструктура од страна на Украина, сметајќи дека е многу веројатно да се откријат докази кои ќе водат во тој правец.

Македонски


