
На 5 април 2026 година, во 12 часот, во КСП Центар – Јадро ќе се одржи промоција на сликовницата „Каде оди реката?“ од Хана Корнети и илустрации на Марија Трајаноска, во издание на „Чудна шума“, издадено во соработка со Еко-свест.
Кога Лука копнее да го види светот, скриен зад далечниот хоризонт низ кој тече реката, снешкото Магелан решава храбро да скокне во изворот и да отплови наместо него.
Пловејќи низводно, Магелан ги открива волшебните убавини на природата и нејзините фантастични жители. Но она што почнува како весела авантура, набрзо се претвора во откритие на длабоките лузни што човекот ги оставил со својата негрижа.
„Каде оди реката?“ е лирска екоприказна за пријателството, одговорноста и надежта. Таа нè учи дека секој наш свесен избор е чекор на патот кон зачувување на хармонијата меѓу човекот и природата.
Сликовницата е издадена во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Скопје. Содржините во изданието се инспирирани од нивната работа во областа на заштитата на реките и се темелат на резултатите од истражувањата за притисоците врз реките и речните екосистеми.
Издавањето на книгата е поддржано од PONT (Prespa Ohrid Nature Trust).

Македонски


