
Понекогаш, најважните лекции не се пишуваат во тетратка, туку се создаваат со срце. Токму таква лекција одржаа учениците од III-1 одделение во скопското основно училиште „Ѓоргија Пулевски“, кои на 1 април претставија нешто повеќе од маска – создадоа приказна за другарство, прифаќање и заедништво.
„Шареното јато папагали“ не се роди преку ноќ. Оваа идеја, која потекнува од самите деца, се развивала со месеци, низ заедничка работа, ентузијазам и многу вложена љубов. Со поддршка од наставничките Фроска Јанеска и Ристенка Димовски, но и со активно учество на родителите, едноставната замисла прерасна во силна и емотивна порака.

Процесот не бил само креативен, туку и заеднички. Низ работилници во кои учествувале и децата и родителите, чекор по чекор се создавал секој дел од маската. Се користеле рециклирачки материјали – картон, хартија, па дури и електронски отпад, што на целата иницијатива ѝ дава и еколошка димензија.
Секое дете изработило свој папагал – различен, шарен и уникатен. Но не застанале тука. Секој од нив напишал и лична порака за другарство, почит и прифаќање на различностите. Кога сите тие делови се споија, настана едно големо, живописно „јато“ – симбол на заедништвото и силата што ја има кога сите се дел од една целина.

Посебна вредност на оваа приказна е токму вклученоста на родителите. Тие не беа само поддршка, туку активен дел од процесот, откривајќи нови креативни вештини и градејќи уште посилна врска со своите деца низ заедничката работа.
Иако маската беше претставена по повод 1 април – Денот на шегата, нејзината порака е многу подлабока. Таа е создадена и во чест на денешниот ден 2 април – Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот. Со ова, учениците испратија порака за поддршка – за нивниот другар, но и за сите деца кои треба да почувствуваат дека припаѓаат.

Во време кога различностите често се гледаат како пречка, овие деца покажаа дека тие се всушност богатство. Секој папагал е различен, но токму заедно создаваат хармонија. Покрај креативниот аспект, ова искуство има и силна воспитна вредност. Децата учеа за тимска работа, трпение, меѓусебна поддршка и почитување – вредности што остануваат многу подолго од самиот настан.

Иако „јатото“ беше претставено само неколку часа, трудот вложен со месеци, како и радоста од заедничкото создавање, ќе останат запаметени долго време.

А пораката што ја испратија е едноставна, но силна:
„Различноста не нè дели – таа нè прави посилни. Кога се прифаќаме и поддржуваме, секое дете има свое место во јатото.“

Македонски



