Skip to main content

Љутков: Убеден сум дека Домот на културата во Ченто ќе биде место кое ќе ги обединува генерациите и ќе придонесува за збогатување на културниот живот

Денеска е посебен ден за жителите на Ченто, како и за бројните чинители кои работат и живеат за културата. Чувствувам особено задоволство што денес присуствуваме на свеченото отворање на реконструираниот и современо уреден Дом на културата „11 Октомври“ во населбата Ченто, значаен културен објект во рамките на општината Гази Баба, рече министерот Љутков.

Денешниот настан претставува повеќе од отворање на еден објект, тој е симбол на нов почеток, на обновена енергија и на зајакната грижа за културниот живот. Од денеска Дом на културата повторно го добива своето заслужено место како двигател на културните случувања и како простор во кој ќе се создаваат, негуваат и споделуваат културните вредности.

Реализацијата на овој значаен проект, овозможена преку средствата од капиталните дотации на културата, претставува јасен показател за стратешката определба за континуирано инвестирање во културната инфраструктура. Со вкупна вредност од над 87 милиони денари, овој објект денес е трансформиран во современ, функционален и енергетски ефикасен простор, целосно прилагоден за одржување на најразлични културни настани. Со реконструкцијата и санацијата, поранешниот запуштен објект прерасна во културен дом кој располага со современа сала со капацитет од околу 180 посетители, како и дополнителни содржини кои овозможуваат богата и разновидна културна понуда. Особено е важно да се истакне дека овој проект е резултат на успешна, координирана и партнерска соработка помеѓу локалната и централната власт. Токму ваквата синергија овозможува реализација на проекти кои се од суштинско значење за граѓаните и претставува пример како преку заедничка визија и одговорно управување се постигнуваат трајни вредности.

Заложбите за развој на културата остануваат високо на агендата, затоа што културата не е само израз на идентитетот, туку и двигател на општествениот развој. Преку поддршка на вакви проекти, се обезбедува еднаков пристап до културни содржини за сите граѓани и се зајакнува културното ткиво на нашето општество. Во тој контекст, Министерството за култура и туризам во изминатиот период, имајќи го како приоритет локалниот културен развој, започна реализација на повеќе проекти во општините низ Републиката, кои со својата функција ќе ја збогатат културата на локално ниво.

На крајот сакам да го поздравам и партнерскиот однос кој Министерството го негува со општината Гази Баба, како и заложбите на градоначалникот Бобан Стефковски за реализација на проектот.

Убеден сум дека Домот на културата во Ченто во иднина ќе биде место кое ќе ги обединува генерациите и ќе придонесува за збогатување на културниот живот не само во општината туку и пошироко.

Поврзани вести