
На 27 март во 19 часот во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Оган“ од академската уметница Бојана Артиновска. Воедно ова е мултимедијален проект, бидејќи уметницата ќе слика во живо, а настанот ќе биде придружен со музика.
Проектот е дел од годишната програма за работа на ЦК „Марко Цепенков“ поддржан од Министерството за култура и туризам.
Во своите нови апстрактно асоцијативни дела академската уметница Бојана Артиновска ја црпи инспирацијата од огнот. Острите назабени контури се извишуваат како бранови и создаваат ликовни структури што интуитивно пурифицираат преку визуелната интерпретација. Трепетливите извиени арабески ги разбудуваат сетилата на набљудувачот и создаваат разгорена реалност, синтеза на разиграни бои и интуитивно слоевити колоритни површини. Широките колоритни облици прецизно контурирани со назабени извиени линии создаваат структури кои го образуваат содржинскиот поттекст на творештвото на уметницата. Асоцијативните содржини изразени преку колоритот се поврзуваат со идејата за огнот, праисконскиот елемент што ја гради материјата. Апстрактните колоритни целини ги раздвижуваат емоциите и ја поттикнуваат животната виталност. Во одредени композициски структури боите целосно разгоруваат со сите нијанси на жолта портокалова и црвена кои се манифестација на белата светлина. Во одредени колоритни интервенции константното жарење и вибрации на разни црвени нијанси не дозволува ни ронка починка и се разлеваат и се преточуваат од една во друга. Пурпурно црвената боја во други композиции тлее и се преточува во кафеави и црни нијанси отелотворувајќи го димот, пишува м-р Викторија Димеска, историчар на уметност
Бојана Артиновска е визуелна уметница родена во Велес, а живее и работи во Битола. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство и сценографија. Од 2000 до 2003 година работи во САД, по што активно твори на македонската уметничка сцена.
Член е на ДЛУБ, ДЛУП и ДЛУМ. Во својата работа се занимава со сликарство, сценографија, дизајн и театарска визуелизација, со долгогодишна соработка со НУЦК „Марко Цепенков“ и повеќе театарски работилници.
Има реализирано бројни групни настапи и девет самостојни изложби, меѓу кои: „Во мене“ (2008), „Гозба“ (2011), „Трепет“ (2020), „Позадини“ (2021), „Земја“ (2022), „Вода“ (2023/2024) и „Парчиња живот“ (2024). Нејзината најнова изложба „Оган“ (2026) е дел од циклусот инспириран од основните елементи.
Добитничка е на наградата за најдобра сценографија на фестивалот „Репасаж“ во Србија (2010) и на наградата „4 Ноември“ на ДЛУБ (2022). Во своите дела користи слоеви од боја, текстура и експериментални техники. Паралелно е активна и како инструктор по јога.

Македонски



