Skip to main content

Собранието ги донесе мерките за спроведување на препораките на Народниот Правобранител

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 25 декември 2024 година по предлог на Комисијата за политички сиситем и односи меѓу заедниците и по разгледување на Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2023 година донесе вкупно 34 мерки од 13 области за спроведување на препораките за надминување на констатираните состојби содржани во Извештајот, соопшти Народниот правобранител.

Во делот на областа правосудство:
Јавните обвинителства да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејства за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Државата да обезбеди механизми за доследна примена на одредбите за застареност на извршувањето.
Министерството за правда да преземе дејства за промена на формата на образецот – Налог за извршување и во делот на правната поука јасно да се навед/прецизиравременскиот рок (денови) за поднесување приговор.
Во делот на областа казнено-поправни и воспитно-поправни установи:
Министерството за правда во соработка со Управата за извршување на санкциите и директорите на Казнено-поправните установи да преземаат мерки за надминување на пренатрупаноста, како и мерки за подобрување на сместувачките услови согласно стандардите за издржување на казната затвор и мерката притвор, со почитување на човековото достоинство на лицата.
Да се преземат мерки за доекипирање на установите со стручен медицински персонал, опремување на затворските амбуланти со соодветни медицински апарати и редовно снабдување со неопходните лекарства.
Во делот на областа финансии:
Државата да ја имплементира во неколку наврати дадената препорака за конечно и трајно надминување на проблемот со одземање на сите парични средства при присилна наплата (кои на граѓаните им се приход по основ на плата, пензија, социјална помош и сл.), да се донесат соодветни измени и дополнување на одредбите од Законот за даночна постапка и Законот за даноците на имот.
Управата за јавни приходи да изнајде решение за настанатиот проблем со уплата на придонесите од социјално осигурување за прекувремени часови, а преку создавање техничка можност во програмското решение на програмот за плата (внес на износот од пресудите, во МПИН-образецот).
За спречување на незаконското задолжување да се зајакне надзорот на Министерството за финансии по однос на условите под кои брзите кредити сеодобруваат.
Во делот на областа социјална заштита и сигурност:
Министерството за социјална политика, демографија и млади, центрите за социјални работи, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и управните судови да ја зајакнат соработката во однос на навремено доставување на списи и документи во постапките кои се водат пред овие институции.
Стручните лекарски комисии навремено да ги доставуваат наодите, оценките и мислењата до центрите за социјална работа заради непречено постапување по барањата во постапките за остварување на надоместок на помош и нега одд друго лице.
Во делот на областа полициски овластувања:
Да се преземат мерки за усогласување на Правилникот за начинот на бришење на податоците од евиденциите на полицијата и Упатството за начинот и методите за вршење на криминалистичко-техничка регистрација и идентификација на лица и непознати лешови со последните измени на Законите во оваа област.
Да се подобри координацијата помеѓу Кривичниот суд и надлежните служби на МВР заради навремено ажурирање на наредбите од овој суд, со цел да се спречи противправно лишување од слобода, поради административни пропусти.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи да врши целосни и квалитетни истраги по барањата на Народниот правобранител за случаи во кои има сомневања за повреда на човековите слободи и права.
Во делот на областа права на детето:
Надлежните органи во континуитет да преземаат мерки за непречена примена на законската одредба за задолжително запишување во матичната книга на родените на секое дете родено на територија на Република Македонија, без оглед на државјанството и личниот статус на родителите
Да се измени и дополни на Законот за семејството, во кој во согласност со Конвенцијата за правата на детето ќе се уреди вршењето на родителските одговорности помеѓу поранешните брачни/вонбрачни другари во односот кон заедничкото/ите дете/ца, и заедничката одговорност на родителите во подигањето и развојот на детето.
Центрите за социјална работа при определување на динамиката на видување помеѓу детето и родителот со кого не живее или блиските роднини на детето да се раководи од тоа што претставува најдобар интерес на детето, во секој индивидуален случај, а одлуката да биде образложена на јасен и аргументиран начин.
Навремено да се завршуваат постапките неопходни за печатење на учебници по предметите кои се изучуваат во основното и средното образование. Притоа, особено да се води сметка за квалитетот на содржината на учебниците, кои заради применливост на знаењето стекнато во процесот на образование треба да понудат интерактивен пристап, кој ќе ја поттикне креативноста и ќе ја развие критичноста кај учениците. Учебниците по сите предмети до учениците да бидат доставени со почетокот на учебната година.
Да се преземат мерки за целосно екипирање на стручните служби во основните и средните училишта, сензибилизирање, дообучување и подобрување на професионалните компетенции на целокупниот образовен кадар за работа со ученици со попреченост, при што едукацијата на наставниот кадар да биде низ призма на правата на децата и правата на лицата со попреченост, согласно ратификуваните меѓународни конвенции.
Да се интензивираат активностите за донесување на нов Закон за средно образование, со што ќе се обезбеди системско решение за образовните асистенти како поддршка во учењето за учениците со попреченост, како и да се преземат мерки за донесување на Законот за стручно образование и обука.
Итно да се преземат мерки за обезбедување формално и континуирано образованиедецата во воспитно поправен дом Волковија, Тетово.
Министерството за образование и наука да преземе континуирани активности и мерки со цел преку системски квалитетни решенија да се елиминира можноста за сегрегација на ученици Роми во училиштата.
Бирото за развој на образованието да продолжи со обуки на наставници со теми од областа на насилството, а стручните служби во училиштата во соработка со родителите на учениците, да преземат навремено мерки за заштита на учениците од насилство од страна на наставен кадар или несоодветен однос од вработено/службено лице.
Да се преземат мерки за поефикасна имплементација на Протоколот за меѓусекторска соработка за деца на улица, да се воспостави интегриран систем на податоци за деца во ризик-деца на улица, кој ќе содржи целосни и точни статистички податоци за децата на улица. Да се креираат и имплементираат програми за активно вклучување на пазарот на труд преку, работно ангажирање на членовите од семејствата на деца кои питачат, како и да се зголеми бројот на дневни центри за деца во социјален ризик/деца на улица, секаде каде што има потреба од тоа, но и да се поддржат постојните Центри за дневен престој на деца на улица од секаков аспект (стручен, материјален, технички).
Министерството за образование и наука да поведе иницијатива со која ќе наложи задолжително водење на дигитална евиденција за студентите со попреченост на сите државни факултети, а заеднички со Владата, Министерството за транспорт и врски и надлежните инспекторати да обезбедат пристапност на факултетите за студентите со попреченост вклучувајќи и пристапен транспорт до и од факултетите. Воедно, да се преземат мерки за обезбедување стручна и научна литература во пристапни формати, асистивна технологија и помагала и административни асистенти за поддршка на студентите со попреченост.
Во делот на областа здравствена заштита:
Владата и Министерството за здравство, да преземат мерки за решавање на проблемот со недостаток на лекари-специјалисти во повеќе области од медицината, како и мерки за обезбедување на вработување на потребниот медицински кадар и негово усовршување согласно напредните медицински текови.
Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство да преземат континуирани активности и мерки за елиминирање на можноста од недостигот на потребните лекови и терапија за пациентите, вклучително и оние со ретки болестипреку навремено спроведување на постапките за набавка.
Во делот на областа пензиско и инвалидско осигурување:
Да се преземат соодветни мерки за измена и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување заради отстранување на аномалиите предизвикани од времената инвалидска пензија, а со тоа и поголема правна сигурност на граѓаните
Во делот на областа високото образование:
Да се направат измените на Законот за високото образование на начин што студентите од еднородителски и самохрани семејства да бидат вклучени во категоријата лицаослобoдени од партиципација.
Во делот на областа недискриминација:
Законската регулатива по која постапуваат инспекциските органи да се усогласи со Законот за спречување и заштита од дискриминација, со внесување на одредби со кои инспекторатите ќе имаат надлежност да преземат соодветни постапки и по сторендискриминација кон граѓаните.
Во делот на областа работни односи:
Критериумите за избор на кадрите во областа на здравството да бидат прецизно законски уредени, со што ќе се превенира непочитување и злоупотреба од страна на работодавачите.
Во делот на областа имотно-правни односи:
Да се преземат мерки со цел воспоставување на заеднички електронски систем кој ќе ги поврзе сите институции вклучени во постапката за денационализација (Комисиите за денационализација, Комисија за координација на работата на комисиите што одлучуваат по барањата за денационализација, Агенција за катастар на недвижности, Државно правобранителство на, Управа за имотно-правни работи во Министерството за финансии, Државен архив, општините, Комисија за проценка, Комисија за утврдување на функционалноста на градежно неизградено земјиште и управните судови) со цел побрзо разменување на податоци и информации заради поефикасно решавање на предметите.
Министерството за финансии да преземе мерки за зголемување на бројот на вработен кадар во Управата за имотно-правни работи неопходен за ажурирање на постапувањето по барањата на граѓаните, а Управата за имотно-правни работи, како и нејзините организациски единици навремено да ја обезбедат потребната документација по службена должност од другите органи.
Агенцијата за катастар на недвижности во потврдите за одбивање на пријавите на граѓаните за запишување и за промени во катастарската евиденција во образложението да дава детални и јасни информации за правната пречка и причините поради кои се одбива пријавата.
Во делот на областа урбанизам и градба:
Општините да ги интензивираат активностите со цел завршување на постапките за легализација на бесправните градби. Се задолжуваат органите на државната управа, институциите, а се препорачува на единиците на локалната самоуправа и лицата со јавни овластувања, по барањата, предлозите и претставките да постапуваат согласно законските рокови и за текот и исходот на постапката да ги информираат граѓаните.

Поврзани вести