Skip to main content

Околу 20.000 лица во Македонија живеат со глауком, а значителен број случаи сè уште не се дијагностицирани

Фонд за здравствено осигурување

Се проценува дека околу 20.000 лица во Македонија живеат со глауком, при што значителен број случаи сè уште не се дијагностицирани. Само во 2025 година биле регистрирани 109 хоспитализации поради глауком, од кои 96 на Клиниката за очни болести во Скопје, соопштија од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) по повод Светската недела на глауком (8–14 март 2026 година), која годинава се одбележува под мотото „Uniting for a Glaucoma-Free World“ – „Заедно за свет без глауком“.

По повот Светската недела на глауком, Клиниката за очни болести, заедно со повеќе здравствени установи низ земјата, организира активности за подигање на јавната свест и за рано откривање на оваа болест.

На Клиниката за очни болести се изведени 80 хируршки интервенции поврзани со третман на оваа болест. Во 2024 година, само за два главни лека од позитивната листа – Timolol и Brinzolamide (Azopt) – издадени се околу 195.000 рецепти, во вкупна вредност од над 47 милиони денари. Овие податоци дополнително ја потврдуваат потребата од рано откривање и редовна превенција, велат од ФЗО.

Глаукомот, често нарекуван „тивок крадец на видот“, претставува една од водечките причини за неповратно губење на видот во светот, но и кај нас. Болеста најчесто се развива без болка и без изразени симптоми во раните фази. Кога ќе се појават првите знаци – како губење на периферниот вид – оштетувањето на очниот нерв често веќе е неповратно.

фото: Фонд за здравствено осигурување

Граѓаните кои се постари од 40 години, имаат фамилијарна историја на глауком, дијабет, висока миопија или други ризик-фактори, се охрабруваат навремено да направат офталмолошки преглед, додаваат од ФЗО.

Редовното мерење на очниот притисок, проверката на видното поле и прегледот на оптичкиот нерв се клучни за навремено откривање на болеста и спречување на трајно губење на видот.

Поврзани вести