
Министерот за здравство, Сашо Клековски и министерката за здравство на Република Бугарија, Катја Ивкова, денеска во Софија потпишаа План за соработка меѓу Министерствата за здравство за периодот 2026-2028 година.
Како што информираа попладнево од Министерството за здравство, со Планот се потврдува определбата на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во областа на здравството и медицинските науки, врз основа на еднаквост, реципроцитет и заемен интерес. Планот предвидува размена на информации и искуства, размена на специјалисти за обуки и консултации, учество на научни и медицински настани, реализација на заеднички научни и практични проекти, како и соработка при организирање курсеви и семинари.
Како приоритетни области на соработка се утврдени примарна и специјализирана медицинска заштита, болничка здравствена заштита, превенција и контрола на заразните и незаразните болести, како и епидемиолошки надзор, медицинска статистика, организација на здравствен одговор при вонредни состојби, електронско здравство, како и други области од заемен интерес.
Во рамки на посетата на Софија, министерот Клековски го посети и Универзитетскиот акушерско-гинеколошки болнички комплекс „Мајчин дом“, каде се запозна со работата на установата и со современите практики во областа на мајчиното и детското здравје, особено во делот на неонатологијата и грижата за новороденчињата. Во разговорите со медицинските тимови беа разменети искуства и можности за унапредување на соработката, со посебен акцент на неонаталниот скрининг и рано откривање состојби кај новороденчињата. „Мајчин дом“ располага со најголемата клиника по неонатологија во Бугарија, со оддел за интензивна нега и современа медицинска опрема, додека Националната генетска лабораторија во рамки на установата спроведува скрининг на новороденчиња, вклучително и метаболички и генетски испитувања – се додава во соопштението.
Потпишувањето на Планот за соработка, како што се истакнува, претставува дополнителен чекор во јакнењето на добрососедските односи и институционалната соработка меѓу двете земји, со цел размена на знаења и добри практики и унапредување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните.

Македонски

