
Машиновозачите во Шпанија денеска стапија во штрајк на повик на Синдикатот на машиновозачи „Семаф“, барајќи поголеми инвестиции во одржувањето на железничката инфраструктура и безбедноста на железничкиот сообраќај.
Шпанскиот премиер Педро Санчез минатата недела го именуваше својот заменик Карлос Куерпо за привремен раководител на Министерството за сообраќај, откако Оскар Пуенте поднесе оставка поради две железнички несреќи што годинава се случија на истата брза пруга меѓу Мадрид и Севиља, а во кои вкупно загинаа 115 луѓе.
Според податоците на државниот железнички оператор „Ренфе“ денеска се откажани околу 40 отсто од возовите на долги и средни релации, што погоди 4.042 патници. Откажани се и 90 отсто од сите поаѓања во приградската железничка мрежа на Мадрид, како и половина од локалните железнички линии во Барселона.
Во Леганес, недалеку од Мадрид, патниците мораа да користат автобуси за да стигнат до центарот на градот. Според податоците на државниот оператор „Серканиас“, најмалку пет линии на приградската железница не сообраќаа, додека на уште три линии беше воспоставен делумен сообраќај.
Во Каталонија, железничкиот оператор „Родалиес“ соопшти дека возовите доцнат поради непочитување на пропишаниот минимален степен на услуга. На станицата Масноу, на периферијата на Барселона, само неколку патници чекаа возови кои сообраќаа во нередовни интервали.
Синдикатот на машиновозачи „Семаф“ соопшти дека неговите членови го почитуваат минималниот обем на сообраќај што го одреди владата, наведувајќи дека доцнењата се последица на лошото управување со планираниот возен ред.
Според наводите на синдикатот на машиновозачи, преговорите со шпанската влада за унапредување на безбедноста на шпанската мрежа на брзи пруги, најразвиената во Европа, почнаа по железничката несреќа на југот од Шпанија во јануари, во која загинаа 46 луѓе, но беа прекинати во април.
До втората несреќа, која се случи минатиот месец, дојде откако диспечерот, поради дефект на сигнализацијата, му наредил на возот на државниот оператор „Ренфе“ да го продолжи возењето, иако пред него на истата пруга се наоѓал запрен воз на приватниот оператор „Ирио“, изјави претходно Пуенте.
Шпанската влада денеска усвои низа безбедносни мерки, меѓу кои е и прецизирањето на начинот на пресметување на времето што машиновозачите го минуваат управувајќи со возовите. Исто така е воведена и функцијата омбудсман за жртвите од несреќи во јавниот превоз, а најавено е и унапредување на каналите за комуникација преку кои железничкиот персонал може да пријави безбедносни проблеми.
Со новите мерки на вработените ќе им биде овозможена и поголема самостојност во донесувањето одлуки, вклучувајќи ја и можноста да го запрат возот или да одбијат да го продолжат возењето доколку проценат дека постои безбедносен ризик.

Македонски



