Skip to main content

Има притисок од странство на бензинските пумпи, но државните резерви можат да покријат 62 дена потрошувачка, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Државниот пазарен инспекторат е на терен поради поплаките од граѓани дека на некои бензински пумпи има ограничување при точење дизел, но нагласи дека снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјата е стабилно.

Тој посочи дека ваквите појави најчесто се забележани во пограничните општини, каде што има зголемен притисок поради значително повисоките цени на горивата во соседните држави.

Државниот пазарен инспекторат е на терен. Забележани се такви однесувања на некои пумпи во погранични општини затоа што има голем притисок од соседните држави, каде цената на енергенсите е за повеќе од 40 до 50 проценти повисока од кај нас. Во соседна Србија таа е меѓу 120 и 130 денари по литар, кај нас е 71 денар. Како резултат на таквиот притисок имаме огромно зголемено количество на трошење на нафта и нафтени деривати и можеби поради тоа на одредени бензински пумпи има недостиг на количини“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека според информациите што ги добил од Државниот пазарен инспекторат, на целата територија на државата граѓаните и бизнисите непречено се снабдуваат со гориво.

Од она што сум информиран од страна на ДПИ, на целата територија на државата граѓаните и бизнисите непрекинато се снабдуваат со нафта и нафтени деривати“, нагласи премиерот.

Мицкоски истакна дека државните резерви се доволни за подолг период и дека енергетската состојба во земјата е стабилна.

Државните резерви можат да покријат целодневен конзум повеќе од 62 дена, снабдувањето би рекол дека е повеќе од одлично. Кога почнавме да го рестартираме нафтоводот со нашиот јужен сосед на многумина им изгледаше чудно и невозможно, но поминаа сите тестови и можеме да го користиме и тој капитал. Може да го ставиме и на располагање на соседите и тие да го користат за нивните потреби. Македонија во моментот има стабилна енергетска состојба и е фактор на стабилност во регионот и граѓаните плаќаат најевтина цена за нафта и нафтени деривати“, додаде Мицкоски.

Поврзани вести