Skip to main content

Сали: Сите реформски чекори ќе бидат исполнети до јуни

Министерот за европски прашања, Беким Сали, во интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма изјави дека посветеноста на Владата на реформската агенда е голема, и постојано се зголемува особено по завршувањето на локалните избори. Сали вели дека сите чекори од реформската агенда ќе бидат завршени до јуни.

И реформската агенда ја тераме со зголемена динамика. Имаме почести координации на ниво на Влада и меѓуинституционална комуникација за исполнување на задачите во врска со реформската агенда. Очекувам во јуни извештајот да биде попозитивен“, вели Сали.

Според него, интензивната работа на реформската агенда, значи и измена на закони кои се веќе договорени во реформската агенда.

До 15 јануари спроведовме и доставивме 27 чекори од вкупно 41 во реформската агенда. Во рокот од 90 дена, тоа значи до крајот на март или евентуално 15 април да го добиеме првиот резултат од доставените чекори, да видиме дали сме во ред или, пак, ќе имаме дополнителни забелешки на кои ќе треба да се навратиме за дополнување и доисправување на измените што сме ги доставиле“, истакна министерот за европски прашања.

Тој во разговорот се осврна и на информациите за различни форми и можности за членство во ЕУ.

Како што вели Сали, формите на станување на полноправна членка на Европската Унија се менуваат поради одредени политики што ги имаат државите кои се дел од блокот.

Ние сме согласни во било која форма да бидеме дел од Европската унија, па потоа, со тек на време, и ние ќе се адаптираме, а и тие ќе нè прифатат за да се зголеми и соработката и поддршката која што ќе биде внатре во ЕУ. Комуникација не сме прекинале, отворени сме за сите форми. Нормално, тоа што треба да го сработиме, ние го работиме интензивно, меѓутоа доколку има опција, согласни сме да бидеме дел од тие опции“, изјави Сали.

Тој истакна оти е можно во 2027 година да има различен пристап за зачленување, а крајниот збор, како што додаде, го имаат земјите членки на Европската Унија. 

Поврзани вести