
Тимот на Adriatica Records го најавува големиот самостоен концерт на легендарниот македонски бенд Архангел, кој ќе се одржи на 13 јуни на Стадион на АРМ во Скопје.
Концертот ќе биде во знакот на 44 години музичко творештво – четири децении автентичен звук, уметничка доследност и силно влијание врз македонската рок и алтернативна сцена.
На сцената на Стадионот на АРМ публиката ја очекува повеќечасовна музичка приказна, раскажана преку антологиските композиции „1.000.000 долари“, „Чудесен свет“, „Злато“, „Сениште“, „Uber Makedonische“, „Нова вера, нова библија“ и многу други, надополнета со дел од новиот материјал што бендот го создава.
Архангел интензивно работи на својот петти студиски албум, кој ќе означи ново креативно поглавје во нивната дискографија. Дел од композициите ќе бидат премиерно изведени токму на овој концерт, додека првиот официјален сингл се очекува наскоро.
Концертот, насловен „Срцевина“, претставува концептуално продолжение на поетиката на авторот и фронтмен Ристо Вртев – централен столб на бендот и клучен двигател на нивниот препознатлив авторски израз.
Големото враќање на сцената и издавањето на новиот албум се реализираат во организација на издавачката куќа Adriatica Records, со седиште во Љубљана, чиј фокус е промоција и поддршка на квалитетен авторски звук во регионот.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, 2 март, онлајн на www.karti.com.mk/arhangel и преку нивната продажна мрежа низ цела Македонија.

Македонски

