
За 7 ноември е најавен протест на поранешни припадници на Армијата, на кој организаторите ќе побараат законски решенија, плати и правда. Најавата доаѓа во период кога Владата, односно Министерството за одбрана конечно го уреди статусот на професионалните војници по навршувањето 45 години.
Новото решение го уредува статусот на професионалните војници во иднина. Правата на лицата што претходно ја завршиле службата се утврдуваат според законите и колективните договори што важеле во моментот на нивното пензионирање. Законските измени, по правило, не создаваат автоматско право на исплати за претходни периоди.
Според досегашните информации, обврските кон поранешните припадници на Армијата биле утврдувани согласно тогаш важечките прописи. Исплатите кон вработените во Министерството за одбрана и Армијата се реализираат редовно. Но и покрај тоа, денеска претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, на прес-конференција го повика членството и другите засегнати да се приклучат на протестот.
„На 7 ноември да испратиме јасна порака дека е доста од празни ветувања. Бараме законски решенија, плати и правда за поранешните припадници на АРМ“, рече Насковски.
До Собранието е доставен предлог-закон поврзан со барањата на организаторите. Неговата содржина и усогласеноста со постојната законска рамка ќе бидат разгледувани во собраниската постапка. Дел од поранешните припадници, според објавените информации, претходно ги барале своите побарувања и преку судска постапка, но нивните барања не биле прифатени. Судот ги одбил.
Одделно од прашањето за статусот и исплатите, против Насковски се поднесени кривични пријави. Министерството за одбрана поднело пријава во врска со сомневања за исплати на синдикална членарина во периодот од април до ноември 2023 година. Во пријавата се наведува сомневање дека со известување за промена на сметка биле пренасочени средства во вкупен износ од 551.500 денари, како и сомневања за измама, фалсификување исправа и неовластено користење лични податоци. Поднесена е и пријава од други синдикални организации, според објавените информации.
Овие се наводи содржани во кривични пријави и не претставуваат утврдена вина; за нив одлучуваат надлежните институции. Тие се посебни постапки и не го менуваат начинот на кој се утврдуваат правата на поранешните припадници на Армијата.
Прашањата за статусот и правата на армискиот персонал треба да се решаваат преку институциите и во согласност со важечките прописи. Решението за професионалните војници по навршувањето 45 години е дел од промените во одбраната насочени кон унапредување на нивната положба и професионалната перспектива.
Курир излезе со подетални податоци за ова. Текстот е достапен на следниот линк

Македонски


