
Границата меѓу охрабрувањето и притисокот вработените постојано да бидат позитивни беше во фокусот на дванаесеттото издание на „Свесност Live Session“, одржано на 27 октомври во Училница во Битола. На темата „Позитивни по секоја цена?“ разговараа Ангела Христовска, Маре Нешковска Јошевска и Алтина Јусуфи, со модераторката Катерина К. Ристески, лиценциран психолог и гешталт психотерапевт под супервизија.
Разговорот ги отвори прашањата за заморот, преоптовареноста и несогласувањето на работното место, особено во средини во кои позитивниот став се подразбира како дел од професионалноста. Соговорничките се осврнаа на разликата меѓу поддршката што помага и добронамерните пораки што можат да го прекинат разговорот за реалните проблеми.
Маре Нешковска Јошевска, со 15 години искуство во оперативен менаџмент и човечки ресурси, посочи дека комплиментите и мотивациските зборови не се доволни кога не се препознаени потребите и границите на вработените. Таа ја нагласи поврзаноста меѓу организацијата на работата и благосостојбата на луѓето.
„Додека оперативниот менаџмент се фокусира на ефикасност и структура, човечките ресурси се грижат за благосостојбата, развојот и мотивацијата на луѓето кои ги извршуваат тие задачи“, истакна Јошевска.
Според неа, соработката меѓу овие две функции може да создаде похумано, поефикасно и помалку стресно работно опкружување. Важен дел од таквата средина е и конструктивната критика, со јасни насоки за развој и со почитување на индивидуалните можности.
Психологот и менаџер за човечки ресурси Алтина Јусуфи зборуваше за потребата вработените да можат искрено да кажат како се чувствуваат, без тоа да се толкува како недостиг на посветеност.
„Од психолошка перспектива, важно е да разбереме дека не секоја емоција бара решение, не секое непријатно чувство треба веднаш да го промениме. Во корпоративниот контекст, ова значи да создадеме средина во која луѓето можат да бидат искрени и да се чувствуваат безбедно да зборуваат“, рече Јусуфи.
Таа ја истакна важноста на сослушувањето, но и на искрената повратна информација. Во разговорот беше разгледано дали критиката сместена меѓу две пофалби ја пренесува доволно јасно пораката што му е потребна на вработениот за да напредува.
„За мене, здравата култура не е онаа во која сите постојано се присилно позитивни, туку онаа во која можеме да бидеме уморни и сепак да ја сакаме својата работа, да бидеме тажни и сепак професионални, да бидеме прифатени и кога не сме добро“, посочи Јусуфи.
Ангела Христовска ја нагласи важноста позитивноста да се темели на реалните потреби и околности. Нејзиното излагање го отвори прашањето за одговорноста во комуникацијата и за влијанието што пораките го имаат врз чувствата и очекувањата на луѓето.
Низ дискусијата беше истакната потребата за работна култура во која има простор и за непријатни, но неопходни разговори. Препознавањето на заморот, отвореноста кон несогласување и подготвеноста да се побара помош беа разгледани како дел од одговорниот однос кон работата и кон луѓето што ја извршуваат.

Македонски


