
Оркестарот на Македонската филхармонија в четврток со почеток во 20 часот ќе го одржи симфонискиот концерт насловен „Нови хоризонти“ на кој како солист ќе настапи Алим Беисембајев од Казахстан, еден од најдобрите млади пијанисти во моментов на светската музичка сцена. Диригент е маестро Емил Табаков, а на програмата се Концерт за пијано и оркестар бр. 1 во бе-мол, оп. 23 од П. И. Чајковски, Суита бр. 2 „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.
Алим Беисембајев ја освои Првата награда на Меѓународниот пијанистички натпревар во Лидс во септември 2021 година, изведувајќи ја Рапсодијата на тема од Паганини од Рахмањинов со Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, а ја доби и Наградата на публиката на Medici.tv, како и Наградата на Кралското филхармониско друштво на Ливерпул за современа изведба. Toa се само неколку од признанијата за овој извонреден пијанист.
Како актуелен уметник од програмата BBC New Generation Artist (2023 – 2025), Алим доживеа значаен меѓународен пробив со своето деби на BBC Proms, каде настапи со Sinfonia of London под водство на Џон Вилсон, прифаќајќи го настапот со само два дена најава. The Telegraph за него ќе напише: „Нема пијанист под 30 години во светот кого би сакал повеќе да го слушам.“
Меѓу значајните оркестарски настапи се вбројуваат концертите со Симфонискиот оркестар на BBC, Филхармонискиот оркестар на BBC, Чешката филхармонија, Симфонискиот оркестар на Барселона, Симфонискиот оркестар на SWR Штутгарт, Националниот симфониски оркестар на Индија, Државниот академски симфониски оркестар на Русија „Евгениј Светланов“, како и Форт Ворт симфонискиот оркестар (САД), меѓу многуте други.
Во сезоната 2024/2025, Алим остварува низа значајни деби настапи, меѓу кои со Симфонискиот оркестар на BBC Шкотска и Филхармонискиот оркестар од Сјамен (со Клавирскиот концерт бр. 1 од Чајковски), Sinfonietta Cracovia (Клавирски концерт бр. 20 од Моцарт), како и со Филхармонијата „Јаначек“ од Острава (Равелов Концерт за лева рака).
Алим Беисембајев настапува и со рецитални програми на некои од најпрестижните светски сцени, меѓу кои BBC Proms во Труро, Концертгебау во Амстердам, Wigmore Hall, Seoul Arts Center, Carnegie Hall, Victoria Concert Hall во Сингапур, Институтот Шопен во Варшава, Oxford Piano Festival, Fondation Louis Vuitton во Париз и Cliburn Concerts. Тој остварил и обемни турнеи низ Европа во рамките на Steinway Prizewinner Concerts Network, како и настапи во Кореја со World Culture Network. Претстојните ангажмани вклучуваат повеќекратни враќања во Wigmore Hall и деби настап во Queen Elizabeth Hall при Southbank Centre во Лондон.
Во декември 2022 година, издавачката куќа Warner Classics го објави неговиот деби-албум „Лист: Трансцендентални етиди“, кој ги содржи сите дванаесет етиди на Франц Лист и беше пречекан со одлични критики.
Роден во Казахстан во 1998 година, Алим ги започнал своите музички студии во Purcell School, каде што освоил повеќе награди, меѓу кои и Првата награда на Junior Cliburn International Competition. Учел кај Теса Николсон, со која продолжил да работи и на Кралската академија за музика во Лондон. Во 2023 година ги завршил магистерските студии и Artist Diploma по изведба на Кралскиот колеџ за музика, под менторство на професорката Ванеса Латарш. Неговото уметничко усовршување е поддржано преку бројни стипендии, меѓу кои од Imogen Cooper Music Trust, ABRSM, Countess of Munster Musical Trust, Hattori Foundation, Drake Calleja Trust, како и преку програмата Talent Unlimited.
Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте.
Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кого остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987 е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година – музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција.
Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. Носител е на престижни награди и како диригент.

Македонски



