Skip to main content

Нови лавини усмртија тројца скијачи во Австрија

Уште тројца скијачи денеска загинаа во лавини во Австрија, соопштија властите, што е дел од низата фатални инциденти оваа зима, пренесе ДПА.

Две лица беа пронајдени мртви по одрон на снег во западното скијачко одморалиште Сент Антон ам Арлберг. Жртвите биле извлечени од снегот, но не можеле да бидат спасени, изјави портпаролот на полицијата. Други три лица се повредени. Властите првично не соопштија детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.

Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролската скијачка област Наудерс. Мажот скијал надвор од патеките со својот 16-годишен син, кој преживеал со тешки повреди, соопшти полицијата. Двајцата се обидувале да преминат падина свртена кон север, кога се откинала снежна плоча широка околу 400 метри, влечејќи ги 200 до 300 метри по удолнина.

Во делови на Тирол во последните денови паднаа до 40 сантиметри нов снег. Властите предупредија дека условите за лавини остануваат опасни. Само во средата во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини, а три лица ги загубија животите во Тирол и во соседниот регион Форарлберг.

МИА

Поврзани вести