Skip to main content

Лавина усмрти 15 непалски работници кои подготвувале камп за алпинисти на Хималаите

Фрипик

Најмалку 15 непалски работници загинаа откако лавина затрупа планински камп што го подготвувале за странски алпинисти во централниот дел на Непал, соопшти претставник на спасувачките служби.

Лавината го зафатила базниот камп поставен на планината Химлунг Химал, висока 7.126 метри, каде што работниците поставувале шатори и прицврстувале јажиња за качување. Спасувачите досега ги пронајдоа телата на сите 15 загинати, додека еден работник сè уште се води како исчезнат.

Осум тела беа пронајдени денеска, а седум претходно оваа недела, изјави раководителот на Националната асоцијација на планински водичи на Непал, Тул Синг Гурунг. Тој додаде дека шансите за пронаоѓање на преостанатиот исчезнат работник се мали и дека спасувачката операција веројатно се ближи кон крајот.

Секоја година илјадници луѓе го посетуваат Непал за да ги искачуваат планините во земјата, со што се обезбедува егзистенција за десетици илјади локални жители кои работат како водичи, носачи и персонал во туристичкиот сектор, посочува Ројтерс. Меѓутоа, со забрзаното топење на глечерите и мразот предизвикано од климатските промени, нивната работа станува сè поопасна.

Поврзани вести