
Со фотографии од претставите, видео записи и говор од колегите денеска во Драмскиот театар во Скопје се одржа комеморација за актерката Ленче Делова, која почина на 15 февруари, на 77-годишна возраст.
Делова беше родена е на 15 јуни 1948 во Скопје. На сцената на Драмски настапувала од 1964 како актерка-аматерка, а во 1970 станала членка на ансамблот, каде играше сè до пензионирањето во 2013 година.
Актерот Благоја Чоревски во емотивниот говор кажа дека со Делова се познавале од деца. Работеле прво во Битола, кога таа имала 13 години, а потоа дошла во Скопје, каде што биле колеги во Драмски театар.

Мене ми претставува и сега чест и гордост што можам да говорам за Ленче, бидејќи со неа многу од моите 40 години во Драмски сум ги поминал. Да не говорам за телевизијата…Која актерка… светска! Ми беше чест што бев со неа, што можев да играм на сцена, на филм, на телевизија. Вечна загуба. Македонскиот театар и Драмскиот театар изгуби еден голем актер, една голема жена, една голема мајка, кажа Чоревски.
Тој се присети на почетоците на Делова во Битола.
Во битолскиот театар имаше една младинска театарска група. Ленче играше таму. Тогаш имала околу 13-14 години. Ја правеа „Мечка“, ја играше госпоѓата Попова. Тогаш имаше еден фестивал во Хвар, на југословенски театарски аматерски групи, и отидоа таму. Јас мислам дека Ленче таму ја доби најпрестижната награда за најдобар актер аматер. После тоа дојде во Скопје со 16 години. Тогашниот основач и голем визионер, голем директор на театарот не само во Македонија, туку и во Југославија, Балканот и пошироко, Ристо Стефановски, ја прими во Драмски. Така, некои нешта ми текнуваат… Да речеме во театарот, во „Ни куќа ни зијан“, добивме награда на Војдан Чернодрински. Но, бидејќи не му доделија награда на режисерот, ние сите ги откажавме. Ленче беше прва, веднаш кажа: „Ја враќам наградата“. Потоа доаѓаат „Ајде да се дружиме“, серии за деца… и дојде една прекрасна серија „Салон Хармони“, се присети Чоревски.

Делова играше во 60-ина претстави во Драмски театар, од првата „Џон Пиплфокс“ од Душан Радовиќ во 1965, преку „Макбет“ на Шекспир и „Вишновата градина“ на Чехов, до „Чија си“ на Сашко Насев во 2013. Глумеше и во над 30 филмови, ТВ-филмови и серии, меѓу кои и во „Детективи“, „Илинден“, „Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Чук Чук Стојанче“, „Тврдокорни“, „Еурека“, „Тетовирање“, „Болва в уво“, „Опстанок“, „Чернодрински се враќа дома“, „Пред дождот“, „Во светот на бајките“, „Македонски народни приказни“, „Светот има осум страни“, „Од денес за утре“, „Турни ме да кинисам“ и „До балчак“.
Делова во 1978 година за улогата на Офелија во „Хамлет“ ја доби наградата „13 Октомври“, во 1996 година е наградена е за најдобра актерка за улогата на Трајанка во „Ни ќар – ни зијан“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“, а во 2006 година на истиот Фестивал ја доби наградата за животно дело.

Македонски



