Skip to main content

Јавна промоција на Предлог Национална Стратегија за заштита и користење на културното наследство за периодот 2026-2030 година

Во просториите на Порта Македонија беше одржана јавна промоција на Предлог Национална Стратегија за заштита и користење на културното наследство за периодот 2026-2030 година. На настанот присуствуваа десетици стручни лица од јавните установи за заштита на културното наследство, претставници од Министерството за култура и туризам како и представници од интернационални здруженија за заштита на културното наследство. На настанот се обратија директорката на Управата за заштита на културното наследство г-ѓа Весела Честоева, во својство на координатор на целиот процес на изготвување на Националната Стратегија која е под комплетна надлежност на Управата, г-дин Јане Клековски, претседател на Комисијата за изработка, како и академик Сашо Цветковски, член на Комисијата.

Г-ѓа Честоева, го истакна значајот и потребата од донесување на овој Национален стратешки документ карактеризирајќи го и како стратешки документ со кој се утврдуваат визијата, приоритетите и насоките за системска, одржлива и современа грижа за културното наследство на државата. Истовремено таа истакна дека оваа Стратегија ќе биде првата Национална Стратегија  од областа на заштитата и користењето на културното наследство по нејзиното одобрување во Собранието на РСМ. Како што истакна Стратегијата е најзначајниот документ преку кој државата ги определува неопходните институционални рамки, административни алатки и мерки, приоритетни цели и активности во заштитата на културното наследство, како и нивните носители. Овој документ се имплементирал низ делувањето на Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство и сите јавните установи за заштита на културното наследство.

Таа продолжи дека Нацрт-стратегијата претставува макотрпен резултат на стручна анализа, меѓуинституционална координација и потребата од усогласување со меѓународните стандарди и соввремени текови, како и добри практики во областа на заштитата, управувањето со ризици, дигитализацијата и одржливото користење на културното наследство.

Г-дин Клековски истакна дека на Националната Стратегија се работело скоро година и пол и дека за тоа време во Комисијата земале учество над 20 тина стручни лица од најразлични области, од десетина научни и јавни установи од областа за заштитата на културното наследство. Истовремено го истакна не само сеопфатниот избор кој бил направен за учество во Комисијата, туку и одличниот квалитет на членовите во неа, избрани од директорката Честоева. Овој вистински избор овозможил вистински стручни информации, предлози и дискусии со кои се дошло до вистинските анализи и решенија.

Во изработката на Стратегијата биле земени во предвид сите укажувања, предлози и сугестии од надлежните државни органи и други субјекти кои делуваат во заштитната дејност, како и заклучоците од одредени спроведени анализи и анкети, релевантни за заштитата на културното наследство, состојбите во институциите надлежни за заштитата на културното наследство како и состојбата на културното наследство.

Како стратешки документ, таа се темели врз анализата на актуелната состојба на наследството и дава насоки за негова натамошна заштита и користење. Анализата истакнува бројни повеќедецениски проблеми во заштитата на културното наследство, но притоа нуди реални и професионални решенија за надминување на истите и нивно отстранување. Во акцискиот план на Националната Стратегија биле предвидени повеќе од 85 директни мерки со кои уверува дека драстично ќе се подобри реалноста на состојбата на македонското културно наследство. За крај тој истакна дека Стратегијата не би можела да се спроведе без активното учество на граѓаните, без нивното разбирање и интеракција со културното наследство, не може да се очекува ефекти на социјална кохезија, одржлив економски развој и општа благосостојба на општеството и дека очекува дека заклучоците од документот ќе бидат вградени во идната законска регулатива за заштита на културното наследство.

Академик Цветковски истакна дека оваа Национална Стратегија е континуитет на децениските обиди за донесување на Националната Стратегија. Исто така дека овој документ содржи бројни позитивни заклучоци од истите но денес тие се надоградени следејќи ги современите трендови и потреби. Истовремено истакна дека Комисијата во секој момент на изработката на Документот ја имале во предвид моменталната состојба во државата, Министерството  и јавните установи за заштита на културното наследство но пред се со каков кадар и опрема тие имаат. Тука се истакна проблемот на несоодветен транзициски јаз помеѓу старата и новата генерација на стручни лица како и потребата од нивно напредување, посебно во заштитата на недвижното културно наследство. Сепак како што истакна Македонија веќе нема време за губење и дека овој стратешки документ мора да биде донесен што побрзо за да има основа за корекција на многу работи во заштитата. Воедно ја истакна Предлог Национална Стратегија за заштита и користење на културното наследство како одлична база за идни решенија кои бараат солиден континуитет во работата.

Потоа на презентацијата се пристапи кон јавна расправа по Предлог Националната Стратегија по прашања и сугестии од присутните.

Се истакна и проблемот со недоволно искористување на меѓународни фондови и прекугранички проекти но и недоволна соработка со локалните власти. Притоа се истакна и потребата од повеќегодишни предвидливи проекти кои и те како би го подобриле работењето на установите во иднина. Дискусиите продолжија и за потребата за реорганизација на заводите за заштита со цел поефикасно работење како и убрзување на процесите со Тентативната листа. Но сепак како главен проблем во дискусијата се потенцираше недоволниот кадар во јавните установи, ситуација која е на критично ниво како и административните проблеми на тоа поле. Се отвори и прашањето за туризмот, како нова гранка во Министерството за култура при што се истакна дека Комисијата предлага стратешко фокусирање на државните вложувања во внимателно одбрани културни места кои по одреден период освен што ќе ја претставуваат нашата историја, култура, идентитет ќе можат и да се самоиздржуваат а со тоа и установите кои ги управуваат да раснат со нив. За крај дискусијата се осврна на прашањето дали Националната Стратегија е осттварлива во овој временски период на што беше кажано дека Комисијата тоа го има предвидено и тоа согласно сегашните ресурси и можности, се што е потребно е подобра организација и желба за спроведување на мерките.