Skip to main content

Белата куќа објави: САД и Македонија договорија рамка за „реципрочна, фер и балансирана трговија“

Белата куќа објави заедничка изјава помеѓу САД и Македонија за реципрочна трговија. Двете земји постигнаа договор за Рамка за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со цел зајакнување на билатералните економски односи и проширување на пристапот на извозниците од двете земји до меѓусебните пазари.

Според заедничката изјава, договорот има за цел да ја продлабочи трговската соработка, да ги поддржи заедничките стратешки интереси, да поттикне економски раст и дополнително да го зајакне трансатлантското партнерство.

Клучни елементи од договорената рамка

Укинување на царини:
Македонија ќе ги елиминира царинските давачки за сите американски индустриски и земјоделски производи што се извезуваат на македонскиот пазар.

Тарифен режим од страна на САД:
САД ќе ја задржат реципрочната тарифа од 15 проценти за македонските производи, со можност одредени производи да добијат нулта царинска стапка. Двете земји ќе можат дополнително да разгледуваат измени на тарифите по финализирањето на договорот.

Нецарински бариери:
Двете страни ќе работат на надминување на нецаринските пречки што влијаат врз билатералната трговија, особено во приоритетни области и во трговијата со земјоделски производи.

Економска и безбедносна соработка:
Предвидено е продлабочување на соработката во економската и националната безбедност, зајакнување на отпорноста на синџирите на снабдување, иновациите и заеднички мерки против избегнување на царините и нелојални пазарни практики.

Енергетика и гасно поврзување со Грција:
Посебно се истакнува изградбата на новиот гасен интерконектор меѓу Македонија и Грција, кој ќе овозможи диверзификација на енергетските извори. По неговото завршување, земјата ќе започне со набавка на течен природен гас (LNG) од САД.

Животна средина и стандарди:
Македонија се обврзува да одржува високо ниво на заштита на животната средина и доследно спроведување на еколошките закони.

Интелектуална сопственост и труд:
Ќе се водат разговори за зајакнување на заштитата на интелектуалната сопственост, вклучително и географските ознаки, како и за прашања поврзани со трудот.

Дигитална економија:
Македонија се обврзува да не воведува данок за дигитални услуги и да ја поддржи глобалната забрана за царини на електронски трансмисии во рамки на СТО, со цел развој на отворена и конкурентна дигитална економија.

Трговија со услуги:
Потврдена е заложбата за олеснување на трговијата со услуги и усогласување со меѓународните правила за домашна регулација во овој сектор.

Следни чекори

Двете влади ќе работат на финализирање на договорот и негово подготвување за потпишување, по што ќе следуваат внатрешните процедури потребни за стапување во сила.

Поврзани вести