Skip to main content

Дејан Пројковски ќе ја режира „Мачкина глава“ по текст на Венко Андоновски со која Драмски театар ќе го одбележи 80-годишниот јубилеј

Драмскиот театар – Скопје (ДТС) ќе го одбележи 80-годишниот јубилеј со премиери, гостувања на други театари на сцената и со промоција на монографија. Централната прослава ќе биде на 21 април со премиера на претставата „Мачкина глава“ по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски. Подговотките за оваа премиера ДТС ќе ги почне на крајот на овој месец.

Овој авторски текст на Венко Андоновски, во согласност со стилот и начинот на кој пишува професорот, реферира на „Диво месо“ како една многу значајна референца во македонската драматика – вели Роберт Вељановски, директор на Драмскиот театар.

Вељановски објасни дека ќе поканат десетина театри од Македонија, речиси сите скопски театари, да гостуваат на сцената на Драмски и да го одбележат неговиот јубилеј. Како што рече, веќе се во преговори со театарот од Ниш да игра една претстава, но не се во можност да финансираат гостувања и на други театри од странство.

Вељановски рече дека ДТС работи интензивно деновиве. В петок ќе имаат премиера на монодрамата „Драми на принцезите – Џеки“ со актерката Трајанка Илиева-Вељиќ, а во тек се и подготовките на „Ова е само крајот на светот“ по текст на Жан-Лик Лагарс на режисерката Теа Беговска, која премиерно ќе биде изведена на 7 март.

Програмата за 2026 година почнале да ја реализираат, рече тој, иако сè уште немаат официјално известување од Министерството за култура и туризам колкав ќе биде буџетот за театарот.

Лично сметав дека е предолг периодот што ќе го изгубиме до објавувањето на резултатите бидејќи сето тоа оди во согласност со законот – 45 дена по изгласувањето на буџетот и затоа подготовките за премиерата на 7 март ги почнавме многу порано – рече директорот на Драмски.

По одбележувањето на јубилејот во април, во ДТС ќе работи босанскиот режисер Дино Мустафиќ, кој ќе ја постави претставата „Федра“ според делата на Жан Расин и Сара Кејн. Сè уште не е прецизирано дали ќе има две одделни претстави или спој на двата текста, но и во двете адаптации една актерка ќе ја игра Федра. Премиерата се очекува на фестивалот Охридско лето.

До крајот на годината ќе излезе и монографија за 80-годишнината на Драмскиот театар – Скопје. Оваа година ќе има два броја од списанието на ДТС, „Театрски гласник“, од кој едниот ќе биде тематски и посветен на актерката и режисерка Тодорка Кондова-Зафировска. Првата претстава, која на 4 март 1965 била одиграна на сцената на ДТС во објектот во кој сега е сместен театарот, била „Богомилска балада“ во режија на Кондова-Зафировска, адаптација на романот „Она што беше небо“ на Владо Малески.

Поврзани вести