
„Македоника литера“ деновиве го објави романот на хрватскиот автор од помладата генерација Леонтин Чапо Милениќ со наслов „Кордината тупаница“, со поднаслов „Првиот треш роман“ во превод од хрватски на македонски јазик на Славчо Пеев.
Овој необичен младешки, забавен и откачен, но и храбар роман, не му припаѓа на ниеден конкретен жанр и на ниедна класична книжевна класификација. Леонтин Чапо Милениќ романот го напишан кога имал 18 години и во него сатирично пишува за современиот свет, за расните, националните и воените конфликти, за криминалот и алкохолизмот. Главниот лик е еден вид антихерој кој не се грижи за правилата на учтиво однесување, има проблеми со алкохолот, со разбирањето како да се решат проблемите во светот и со агресијата. Испреплетено со пародија и со црн хумор, делото е инспирирано од епови, бајки, хорор и музика. Некои од ликовите се засновани на вистински луѓе (како Мао Це Тунг, Џорџ Буш, Распутин, Хирохито, Слободан Милошевиќ, Фидел Кастро итн.) или дела (влијанието на Едгар Алан По или Данте во описот на пеколот итн.). Иако понекогаш шокантно во своите описи на конфликти, кои во голем дел од романот се однесуваат на меѓурасни конфликти, делото на крајот воспоставува рамнотежа во разбирањето на расната и националната еднаквост, иронично менувајќи ги улогите на црната и белата раса, покажувајќи дека бојата на кожата сама по себе не игра никаква улога, дека во сè се крие само – човек. Дејството се случува во реални и измислени вонвременски простори, без просторни и временски граници. Романот е иновативно литературно дело, напишано на визуелно-филмски начин, остава силен впечаток и носи длабок печат на личноста на авторот, неговата филозофија на животот и љубовта кон кинеската култура и историја.
Главниот лик во овој урнебесен роман, Корда (што на такиџистански јазик значи секач на глави) е шеф на мафијашката организација „Отровна руска тупаница“. Тој никогаш не ги запознал своите родители, а додека бил дете го пронашол кинески шаолин свештеник и волшебник кој решил да го посвои. Возрасниот Корда е агресивен алкохоличар кој ги решава сите свои проблеми со насилство. „Кордината тупаница: Првиот вистински треш роман“ е првиот роман на авторот кој зборува за современиот свет на необичен сатиричен начин.
Анархистички анахронизaм at its finest – во стилот на романот, може да се опише животот на главниот (анти)јунак Корда Главосек. Романот претставува сатира, алегорија, прониклив in your face приказ на сложените општествено-политички односи на денешниот свет, но и на светот низ историјата и во иднината, отсликан низ згодите и незгодите на Корда, водач на мафија, пијаница, женкар, љубител на опојни дроги и на сите можни пороци, сведок и учесник во сите позначајни историски настани, кој своите проблеми, како и проблемите во светот, ги решава со агресија и алкохол. На неговите страници се среќаваат на едно место, честопати еден покрај друг или еден против друг, некои од најважните ликови, вистински и фиктивни, од човековата историја, сите опишани во една пародична светлина, преку црн хумор од кој никој не е поштеден. Расизмот, предрасудите, стереотипите, војните, авторитаризмот, национализмот, криминалот, алкохолизмот… – сето тоа се темите за кои иронично, саркастично и без влакна на јазикот се зборува во ова дело, а кои се поставени на фонот на познати историски епови, бајки и книжевни дела, како и на фонот на класичната и поновата рокенрол музика, филмска индустрија и поп-култура, што му дава на текстот посебен белег, шмек и привлечност поради иновативниот и визуелно-филмски начин на кој е пишуван.
При читањето, романот наместа можеби ќе остави впечаток на навредлив, или јазикот ќе изгледа непристоен за едно книжевно дело, или можеби нешто двосмислено кажува, но во основа е ведар и забавен со својата динамичност, „контроверзност“ и наведува на подлабока размисла за светот во кој живееме.
Леонтин Чапо Милениќ (1989, Осиек) е хрватски писател, лектор, уредник, преведувач, текстописец за музика и музичар. Член е на Друштвото на хрватските писатели и на Друштвото на љубители на литературата „Литера“. Дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Осиек. Магистер е по хрватски јазик, литература и историја. Пишува романи и раскази со елементи на фантастика, хорор, хумор, сатира и гротеска. Некои од неговите дела се објавени под псевдонимот Ерик Јохансон. Објавени дела: „Кордината тупаница“ (авантуристички сатиричен роман, 2011 г.), „Излет на смртта (сатиричен хорор роман, 2019), „Кралството на надежта“, 2020), „Деца со црни очи“ (збирка на научнофантастични и хорор раскази, 2021), „Хрониките на Корда: Магијата на алкохолот“ (хумористична фантазија, научнофантастичен роман, 2022), „Последниот принц на Лира“ (хумористичен научнофантастичен роман, 2022), „Пат за никаде“ (збирка на научнофантастични и хорор раскази, 2025), Кордини хроники: Големи Избавител (хумористична фантазија, научнофантастичен роман, 2025).
Некои од неговите дела, освен во Хрватска, се објавени во Босна и Херцеговина, Србија, Словенија и Македонија. Со американските метал бендови Lyran Lions и Preludium Fury издаде неколку албуми инспирирани од неговите литературни дела, а неговиот расказ „Моето подземно царство“ беше екранизиран во краток филм на Академијата за уметности во Белград. Во 1997 година ја доби првата награда на Фестивалот на поезијата „Ивица Кичмановиќ“ во Запрешиќ, а на натпреварот ЕРАТО во 2001 година ја доби наградата за песна на Меѓународниот институт за литература.

Македонски



