
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски денеска информираа дека во рамки на тековната истрага се одземени околу 40 тони марихуана, која, како што беше посочено, била произведувана и складирана спротивно на законските прописи.
Тошковски изјави дека станува збор за канабис за кој комисија при Министерството за здравство констатирала дека бил произведуван, складиран и чуван надвор од утврдените протоколи и услови.
Незаконски е третирана од страна на фирмите од каде што беше одземена, по што истата ја складиравме привремено во простории на Министерството за внатрешни работи, со цел да биде искористена во доказната постапка – изјави министерот.
Тој посочи дека истрагата продолжува во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и другите надлежни обвинителства, со цел целосно да се утврди фактичката состојба и да се расчистат сите околности поврзани со случајот.
Според Тошковски, последиците од, како што рече, „негрижа и катастрофален однос од минатото“ денес создаваат сериозни штетни последици, но изрази уверување дека институциите ќе постапат соодветно и незаконски произведената дрога нема да заврши на македонските или европските улици.
Премиерот Мицкоски оцени дека запленетите 40 тони цвет од канабис се резултат на погрешни политики од минатото и најави дека Владата ќе донесе одлука за формирање комисија и тим кои ќе извршат проверки во повеќе правни субјекти.
Ќе се испита работењето и ќе се констатира фактичката состојба – кои правни субјекти работеле согласно закон, а кои го злоупотребиле или изиграле законот – изјави Мицкоски.
Тој порача дека нема да има компромис со беззаконието и дека никој не е над законот, додавајќи дека институциите ќе ги искористат сите капацитети во борбата против организираниот криминал.
До сите кои мислат дека криминалот е исплатлива работа – можеби било така во некои други времиња, но денес криминалот не се исплати. Ќе бидете пронајдени и жестоко казнети – нагласи премиерот.
Од Владата најавуваат дека активностите против организираниот криминал, корупцијата и незаконското постапување ќе продолжат и во наредниот период.

Македонски



