Skip to main content

 Проекција на документарниот филм „Тата“ на „Зимски МакеДокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, во рамките на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“, организира проекција на документарниот филм „Тата“ на Лина Вдови и Раду Чорнициу, проследена со дискусија со режисерите и со експерти на темата.

Проекцијата на документарниот филм „Тата“ (Романија / Германија / Холандија, 2024, 84 мин.) ќе се одржи на 11 февруари (среда), во 20 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, а влезот на проекцијата е слободен.

По години отуѓеност, Лина – молдавска новинарка – добива видеопорака од својот татко, мигрантски работник во Италија. На видеото се гледаат модринки на неговите раце. Со скриена камера, таа тргнува по правда – но и по многу подлабока, лична вистина. „Тата“ е интимен и суров документарен портрет на семејство заробено во генерациски образец на насилство, токсична машкост и тишина. Снимен во Италија, Молдавија и Романија, филмот ја следи ќерката која се обидува да го прекине циклусот – за себе, за следната генерација, па дури и за оној што ја повредил.

Режијата, сценариото и камерата во филмот се на Лина Вдови и Раду Чорнициу, на монтажата работеа Ана Фабини, Андреј Горган, Ципријан Цимпои, Делија Онига, звукот е на Хуго Дијкстал, а музиката на Јерг Фолерт. Филмот е реализиран во продукција на „Манифест филм“ во копродукција со „Корсо филм“.

По светската премиера на Торонто интернационален филмски фестивал (ТИФФ) во 2024 година, филмот бележи учество на значајни фестивали за документарен филм и за човекови права, а добива награди на фестивалите во Краков, Трст, на ФИПАДОК, на „Верзио“ во Унгарија, на „Астра“ во Романија.

Поврзани вести