Skip to main content

„Заплашувањето и заканите нема да нè погодат“, Европските лидери му одговорија на Трамп

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција останува посветена на „суверенитетот и независноста на државите“, продолжувајќи да ги поддржува Гренланд и Данска, додека Трамп најави нови тарифи за земјите што се противат на купувањето на Гренланд од страна на САД.

На платформата Икс, Макрон напиша дека „ниту заплашувањето ниту заканите нема да нè засегнат“.

„Европејците ќе одговорат на нив на обединет и координиран начин доколку бидат потврдени. Ќе се погрижиме европскиот суверенитет да биде почитуван“, додаде тој.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон, исто така, ги отфрли заканите на Трамп за царини.

„Нема да дозволиме да бидеме уценувани“, пишува тој на Икс.

Тој додаде дека „само Данска и Гренланд одлучуваат за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд“.

„Секогаш ќе се залагам за мојата земја, како и за нашите сојузнички соседи. Ова е прашање на ЕУ кое засега многу повеќе земји од оние што сега се издвоени. Шведска моментално е во интензивни разговори со други земји од ЕУ, Норвешка и Велика Британија за да се постигне колективен одговор“, напиша тој.

Британскиот премиер Сер Кир Стармер ја опиша заканата на Трамп за воведување царини врз сојузниците на САД како „целосно погрешна“.

„Нашиот став за Гренланд е многу јасен – тој е дел од Кралството Данска, а неговата иднина е прашање на жителите на Гренланд и Данците“, рече тој во соопштението.

„Исто така, јасно ставивме до знаење дека безбедноста на Арктикот е важна за целиот НАТО сојуз и дека сојузниците треба да сторат повеќе заедно за да се спротивстават на заканата од Русија во различни делови од Арктикот. Воведувањето царини врз сојузниците со цел да се спроведе колективната безбедност на сојузниците на НАТО е сосема погрешно. Секако, за ова ќе разговараме директно со американската администрација“, рече Стармер.

Поврзани вести