
Конечно стана јасно зошто СДСМ толку агресивно тргнаа во борба против мигрантите во Македонија. Календарот на активностите во следните неколку месеци е веќе јасен и е повеќе пати образложен лично од Филипче. За неколку месеци Владата на Мицкоски ќе почне да гради кампови за мигранти од Британија, а веднаш потоа СДСМ ќе ги информира американските власти за ова драматично нарушување на стабилноста на регионот и на Европа, по што Трамп ќе го стави македонскиот премиер на црна листа.
Звучи налудничаво, но ова е буквално приказната што СДСМ ја пренесува преку нивните се-по-одлепени соопштенија, прес конференции и настапите на нивните геополитички експерти. ДУИ ги влечеше своите гласачи за нос дека ќе победат на локалните избори и потоа, со помош од дипломатите во Скопје, ќе мора да бидат примени во Владата. И тоа беше релативно реален план кој не им успеа бидејќи сериозно го потценија ВЛЕН и албанското гласачко тело. Но планот на СДСМ звучи како да е пишуван во кругот на некоја од плантажите за марихуана на Заеви.
Приказната за мигрантските кампови веќе ни е јасна – британски медиум објави (без да цитира извор) дека имало некакви разговори на оваа тема, како што претходната недела друг британски медиум објави дека имало разговори со Босна, следната недела објавија за Косово, и така натаму. Тврдењето беше демантирано од македонската Влада, која нема никаква мотивација да тргне во таква авантура, но СДСМ решија да поплукаат на нивната децениска промоција на отворените граници, поддршката за мигрантите и мултиетничноста за да се претвори во карикатура на крајно-десничарските движења зборувајќи дека за некој месец мигрантите ќе почнат да силуваат по Македонија и да пренесуваат заразни болести. Не верувам дека некој во СДСМ сериозно верува во оваа закана, но можам да разберам дека цинично си велат – ВМРО не напаѓаа по ова прашање во 2018та, па редно е да им вратиме со иста мерка (настрана тоа што СДСМ реално имаа про-мигрантски функционери на високи позиции, долготрајна поврзаност со сериозно финансирани невладини организации кои работеа на пренос на мигранти и предлагаа подзаконски решенија за прием на мигранти и отворање на кампови, па реакцијата на ВМРО беше не само идеолошки логична туку и оправдана од реалноста).
Но, изгледа дека „интелектуалната елита“ во СДСМ сериозно верува во приказната за американските санкции. Оваа приказна е заснована врз протоколарен закон донесен во американскиот Конгрес со предлози за активности на претседателот и Стејт Департментот, кој се носи паралелно со воениот буџет на САД. Овие закони честопати содржат вакви геополитички насоки упатени од Конгресот до извршната власт, и во минатото делови од законот содржеле членови за Балканот, за Блискиот Исток, Европа/Украина и така натаму. Во конкретниот случај, членовите за Балканот се собрани во посебен подзакон кој е усвоен во Конгресот. Во тој закон, се бара од Трамп да воведе санкции за балкански политичари кои ги кршат договорите како Охрид, Преспа и Дејтон, како и да обезбедат средства за УСАИД медиумите, невладините организации и за „реформи во судството“ – сето тоа претставено како проект за борба против влијанието на Кина и Русија. Меѓу предлагачите има неколку републикански конгресмени (едната од нив е Гркинка), но доминантни предлагачи се конгресмени и сенатори од Демократската Партија, кои долго време се активни на Балканот, секогаш поврзани со надворешно-политичкиот естаблишмент на Демократската Партија, со дипломатите на Клинтон, Обама и Бајден, кои биле клучните поддржувачи на партии како СДСМ и ДУИ, но немаат никаков пристап до актуелната админстрација на Трамп. Главните спонзори на „законот за санкции за балканските политичари“ во моментов го напаѓаат Трамп како фашистички диктатор, па може да претпоставиме колку ќе им пројде зборот ако сериозно побараат од Трамп да го стави Мицкоски на црна листа (во СДСМ веројатно деновиве педантно бележат колку пати македонскиот премиер рекол Македонија без „Северна“ и штанцаат соопштенија за наводни руски врски на Владата).
Двете закани – и американските санкции и мигрантските кампови – се со краток временски рок, па така нема долго да чекаме да видиме дали ќе се остварат влажните соништа на СДСМ. Идејата е дека администрацијата на Трамп која го растури УСАИД, која секој месец се повлекува од неколку меѓународни организации, која е во отворена војна со круговите на моќта за кои одработуваа СДСМ (мрежите левичарски невладини органзации исплетени од Сорос) ќе поплука на се што правеше во изминатата година и токму за Балканот ќе направи исклучок. И дека тоа ќе го направи затоа што непочитувањето на договорите што ни беа наметнати од демократските дипломати и од ЕУ го попречува нашиот прием во ЕУ. Значи Трамп, кој е на граница на војна со ЕУ поради Гренланд, кој е во отворен конфликт со водечките членки на ЕУ поради неговото инсистирање да запре војната во Украина, ќе го ставел Мицкоски на црна листа за Македонија побргу да влезе во ЕУ. Тоа им е планот во Бихаќка.
Досегашните одлуки што ги гледавме од Трамп на Балканот, односно една одлука, отиде во целосно спротивна насока – тој го отстрани Милорад Додик од црна листа и му овозможи да организира поволен трансфер на власта во Република Српска. За оваа одлука се претпоставува дека повлијаел Виктор Орбан, кој има нескриени амбиции во регионот, и сериозни контакти со Трамп. Друга значајна одлука, која не беше донесена директно од Трамп, но се случи неколку недели по неговиот избор за претседател, беше ставањето на Артан Груби на црна листа, со што и се нанесе ненадоместлива штета на ДУИ, а преку нив, и на шансите на СДСМ некогаш да се вратат на власт со поддршка на албанскиот фактор. Таа одлука се случи паралелно со контактите на високо ниво што Мицкоски ги оствари со врвните луѓе од администрацијата на Трамп – контакти со какви што досега ВМРО можело да се пофали (настрана митот за Борис Трајковски и неговиот кабинет кој изроди двајца претседателски кандидати на СДСМ). Порано се знаеше – ВМРО има контрола врз теренот, врз граѓаните, врз своето доминантно гласачко тело, но СДСМ има целосен монопол врз контактите со странските дипломати и таа предност редовно ја користи на штета на Македонија. Сега се се измеша – ВМРОвците имаат тешкаши од кабинетот на Трамп на линија.
И во овие за нив тешки околности СДСМ гледаат своја шанса, дека Трамп ќе им учини, и ќе им ја даде власта на тацна. Многу поверојатно е дека републиканците во Конгресот, кои немаат големо мнозинство, и за носење на сите буџетски закони мора да водат тешки преговори со демократите, им го прифатиле ова барање за „балкански закон“ на демократите, без да имаат било каква намера да им ги исполнат барањата. Американскиот претседател е суверен во водењето на надворешната политика, и законот е целосно оставен на негова дискреција. Но, СДСМовците деновиве се растрчаа да бидат поголеми гројпери и анти-мигранти од Ник Фуентес и Стив Милер (дури и Орбан морал да се јави во Скопје да праша – што зборуваат бе овие?). Нивни новинари на телевизија плачно прашуваат владини претставници дали е можно врз основа на овој закон да им бидат вратени милионите што им ги пресече УСАИД, а судските инсталации се надеваат дека ќе се истури уште една милијарда долари во судството (за што дури и амбасадорката Агелер рече дека е целосно промашена инвестиција). Експертите на СДСМ со денови премеруваа каде и со кого седел Мицкоски за време на инаугурацијата на Трамп. Го претставуваа потегот на Трамп со Додик како некаков пораз за Додик и Орбан, се надеваат на анкети дека и Орбан и Вучиќ ќе паднат во текот на годинава, па со тоа автоматски ќе падне и ВМРО. Во СДСМ веројатно славеле и за заминувањето на Агелер, бидејќи не само што не се обиде да им помогне да дојдат на власт, туку и им го закопа ДУИ (откако со години ги молеше да изградат барем еден километар автопат, а они му дадоа на ДУИ со парите да купува згради низ Скопје).
Што се човек нема да направи да избегне да го прави тоа што реално треба да му биде работа – да проба да ја освои власта со програма, со нормални луѓе, без национални предавства, без нудење на своите услуги како квислинг на било која странска и регионална сила. Партијата која беше формирана да одработува за Белград и Москва, кога виде дека таа приказна пропадна се прешалта на Вашингтон и Брисел, па бидејќи е премала и безначајна (и стално бара помош да биде донесена на власт) за да комуницира директно со големците, се задоволи да биде одработувач на Грција и албанското лоби, па се понуди на Софија поради што пола партија им се отцепи… тие луѓе сега му се нудат на Трамп за грст грантови. Фантастично. Каков е тој ментален склоп – да знаеш дека презрел и отфрлил сопствениот народ, и да се надеваш дека ќе дојдеш на власт со купени гласови, со позајмени гласови од албанските партии, и со уште една, трета по ред, интервенцја од САД (по 2000-2001 и 2015-2017). И тоа не било кои Американци, туку од американски режим кој твоите сопствени гласачи и активисти го сметаат за нацистички, расистички, империјалистички..
Минатиот пат кога САД интервенираа во Македонија да ги донесат СДСМ на власт, работата почна со драматичната средба во Белата Куќа на Груевски со Бајден и Хилари Клинтон во 2011та. СДСМ направија обид за упад во Собранието на крајот на 2012та година, но за реално да дојдат на власт им требаа уште две години истурање пари во нивните невладини и медиуми, па разузнавачки провали од невидено ниво, целосна координација со ЕУ, со Грција, со косовски герилци, наивни скопски граѓани кои беа заморени по скоро една деценија ВМРО на Груевски, па и тогаш, со апсолутно поволни услови во Вашингтон и Брисел, им требаа повеќе од две години да ја преземат власта, а потоа уште две години да видиме дека нивните странски поддржувачи не им дигаат телефон и нема да им помогнат да остварат ништо од ветеното – по што целата евроинтегративна приказна им пропадна. Затоа, наместо подгреани ветувања за ЕУ, СДСМ сега сака да се врати на власт со трамповска приказна за тепање фантомски мигранти. И тоа точно во денови кога нивната активистичка база и неколкуте преостанати соросоидни портали се понадеваа дека конечно ќе добијат нови насоки и грантови од Њујорк, па потрчаа да коментираат за трагичниот случај на застреланата про-мигрантска активистка во Минеаполис. И што е пораката од Бихаќка до активистите – дечки, ни треба Трамп, затоа овојпат сме на страната на полицијата, кој ги врти мигрантите.
Едиствениот проблем во целиот овој план е што и мигрантските кампови, и црните листи, треба да се остварат (или развалат) за неколку месеци, па немаме многу време да им се посмееме на СДСМ – да ги гледаме како го читаат и препрочитуваат законот на американскиот Конгрес, го анализираат со нивниот килав англиски, па имало дипломати во Стејт Департментот кои ќе го спроведат законот без Трамп да дознае за тоа, па малку го напаѓаат Трамп дека бил корумпиран човек кој работи за Русија, за веднаш потоа да се надеваат дека Трамп ќе ги прати маринците да ја киднапираат целата Влада на ВМРО под обвиненија за корупција и врски со Русија.. Работата е толку сериозна што мора еден Фрчко да им биде гласот на разумот и да ги предупредува да почекаат малку, да видат дали нешто од сето тоа воопшто и ќе се случи. А тоа значи дека не ти е добра работата.

Македонски




