
Не оставајте лице во алкохолна интоксикација само, е една од многуте препораки на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод новогодишните и Божикните празници кои традиционално се поврзани и со зголемена консумација на алкохол.
Во првите 12 часа од 2026 година, дури 13 малолетни лица побарале лекарска помош поради интоксикација, најверојатно од алкохол. Најмладиот пациент примен на Клиниката за токсикологија имал само 14 години.
Вкупниот биланс на Клиниката е 31 пациент, што значи дека речиси половина од случаите биле деца. Лекарите информираат дека најстариот пациент имал 44 години, што укажува дека „најлудата ноќ“ била најтешка за помладата популација. За среќа, нема посериозни компликации – сите 13 малолетници, како и останатите пациенти, се веќе пуштени на домашно лекување.
Со цел заштита на здравјето на поединците и јавната безбедност, ИЈЗ ги дава следните јавноздравствени препораки:
Умереност и самоконтрола
- Консумирајте алкохол во умерени количини.
- Избегнувајте брзо и прекумерно пиење, кое значително го зголемува ризикот од повреди, труења и акутни здравствени состојби.
Никогаш не управувајте возило под дејство на алкохол
- Дури и мали количини алкохол го намалуваат вниманието, реакцијата и расудувањето.
- Доколку консумирате алкохол, однапред организирајте безбеден превоз (такси, јавен превоз или трезен возач).
Комбинирање со храна и вода
- Консумирајте алкохол заедно со храна, што може да ја намали апсорпцијата и негативните ефекти.
- Редовно внесувајте вода за да се спречи дехидратација.
- Алкохолот може да има опасни интеракции со многу лекови (седативи, аналгетици, антидепресиви и др.).
- Лицата кои земаат терапија треба да избегнуваат или строго да ја ограничат употребата на алкохол.
Посебна заштита на ранливите групи
- Бремените жени, малолетните лица и лицата со хронични заболувања не треба да консумираат алкохол.
- Поттикнувајте средина без притисок за пиење, особено за оние кои од здравствени или лични причини не консумираат алкохол.
Препознавање на ризични состојби
- Доколку се појават симптоми како губење на свест, повраќање, конфузија или проблеми со дишењето, веднаш побарајте медицинска помош.
- Не оставајте лице во алкохолна интоксикација само.

Македонски




