
Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се бара повлекување на Израел од Голанската Висорамнина, која ја окупираше во 1967 година и ја анектираше во 1981 година.
Резолуцијата беше усвоена со 123 гласа „за“, наспроти седум „против“, меѓу кои Израел и САД, а 41 земја беа воздржани.
Голанската Висорамнина е стратешки важна карпеста висорамнина, долга околу 60 километри и широка 25 километри. Израел ја освои во 1967 година и ја анектираше во 1981 година. Сепак, тоа не беше меѓународно признаено.
Во Резолуцијата на ОН се прогласува дека одлуката на Израел од 1981 година „да ги наметне своите закони, јурисдикција и администрација на окупираниот сириски Голан е ништовна и неважечка“ и повика на нејзино укинување.
– Понатаму, Собранието го повикува Израел да ги продолжи разговорите на сирискиот и либанскиот колосек и да ги почитува обврските и преземените ветувања постигнати претходно. Исто така, побара Израел да се повлече од окупираниот сириски Голан до линијата од 4 јуни 1967 година, стои во текстот.
Иако резолуциите усвоени од Генералното собрание со 193 членки се необврзувачки, тие имаат симболична тежина и го одразуваат глобалното расположение, потсетува ДПА.
– Генералното собрание на ОН уште еднаш докажува колку е исклучено од реалноста, напиша на Х амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Дени Данон, како одговор на гласањето.
– Наместо да се занимава со злосторствата на иранската оска и опасните активности на милициите во Сирија, тоа бара од Израел да се повлече од Голанската Висорамнина – витална одбранбена линија што ги штити нашите граѓани. Израел нема да се врати на линиите од 1967 година и нема да го напушти Голан. Ниту сега, ниту никогаш, нагласи тој.

Македонски






