
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, на покана од потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија, Адријана Месаровиќ, денеска присуствуваше на свеченото отворање на четвртото издание на саемот „Винска визија – Отворен Балкан“, што од 22 до 25 ноември 2025 година се одржува на Белградскиот саем.
Како што соопшти Министерството за односи меѓу заедниците, „Винска визија – Отворен Балкан“ е саем на вино, ракија, храна и туризам што се реализира во рамките на иницијативата Отворен Балкан – афирмирана регионална платформа за мир, економска соработка и поврзување.
-Овој значаен регионален настан, единствен од ваков тип во Југоисточна Европа, претставува одлична можност за презентација, промоција и размена на производи, како и за дополнително зајакнување на економските врски меѓу земјите од регионот. Во изминатите три години, саемот се позиционира како центар на светски вкусови, знаења и деловни можности. Под слоганот „Единствено“, годинашното издание продолжува да го поврзува регионот со светот, овозможувајќи им на изложувачите простор за раст, развој и воспоставување нови партнерства, стои во соопштението.
Оттаму додаваат дека се очекува и оваа година „Винска визија – Отворен Балкан“ да биде значајна платформа за вмрежување, промоција и претставување на регионалната гастрономска и туристичка понуда пред широка меѓународна публика.

Македонски








