Skip to main content

Во Белгија откриени злоупотреби на милиони евра од Фондот за здравствено осигурување

Freepik

Белгиската полиција соопшти дека привела медицинска сестра ангажирана за домашна нега, поради сомнеж за измама на Националниот фонд за здравствено и инвалидско осигурување (ИНАМИ/РИЗИВ) за „повеќе милиони евра“.

Истрагата утврдила дека приведената сестра Стефани Сандер пријавувала фиктивни случаи на медицинска нега врз основа на кои и биле исплаќани средства од Фондот. Според истрагата, од 2017 година, па досега, Сандер пријавила најмалку 524 фиктивни случаи за што Фондот и исплатил 1,7 милиони евра.

По обелоденувањето на скандалот, белгискиот вицепремиер и министер за здравство и социјални работи Франк Ванденбруке најави нов правилник со кој ќе се ограничи бројот на пациенти кои една медицинска сестра задолжена за домашна нега може да ги опслужува на дневна основа.

– Медицинска сестра за домашна нега ќе има максимум 20 пациенти, наместо 80 до 90 пациенти колку што понекогаш пријавувала Сандер, посочи Ванденбруке.

Белгиските медиуми посочуваат дека оваа не е единствен случај на измами од „големи размери“ на Фондот за здравствено осигурување. Така, постојат сомнежи дека лекар неосновано добил речиси два милиони евра од Фондот, а стоматологот над 600.000 евра

Според медиумите, при ревизија на исплатите на средства од Фондот било утврдено дека на лекар од 2019 година врз основа на лажни налози му биле исплатени 1,935 милиони евра. Лекарот досега вратил речиси 973 илјади евра од оваа сума, која му била исплатена за услуги што ги пријавил во Фондот за наплата, но не ги извршил.

Покрај овој лекар, под истрага е и стоматолог на кој од 2002 година му биле исплатени 627.000 евра. Ревизијата утврдила дека на стоматологот му биле исплатени средства за 53 услуги што не ги извршил и за уште 122 други кои не биле извршени во согласност со прописите. За ваквите пропусти стоматологот веќе заработил казна од 27.000 евра, што ја подмирил во целост.

Поврзани вести