
Се додека не се постигне договор за зголемување на минималната плата во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС), ќе важи постојната формула за нејзина пресметување. Владата ќе поддржи секаков договор, и за зголемување на минималната плата и за промена на формулата, но само ако има трипартитна согласност во ЕСС, од сите засегнати страни, рече денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Знаеме дека синдикатите секогаш настојуваат да се зголеми минималната плата, но еден од главните приоритети на Владата е подобрување на животниот стандард. Ние остануваме на она што секогаш го кажуваме транспарентно, договор да има во рамки на Економско-социјалниот совет каде постои и трипартитен дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и владините институции. Она што ќе го договорат работодавачите и синдикатите, Владата ќе го испочитува. Се додека не постои таков договор, ќе важи постојната формула за пресметка на минималната плата која е донесена со договор меѓу трите страни во ЕСС. Се додека не постои таков договор, има постоечка формула донесена со трипартитен договор и потпис од сите овие три страни во ЕСС и со пресметките од таа формула ќе има зголемување. Ќе каже формулата колкаво ќе биде зголемувањето во март 2026 година – изјави Ристески, одговорајќи на новинарски прашања по почетокот на Неделата на претприемништвото.
Според него, за да дојде до промена на формулата донесена со трипартитен договор, треба повторно да има интерес кај трите страни кои учествуваат во ЕСС.
Доколку имаат таква можност и потреба синдикатите и работодавачите, ние би излегле во пресрет и за промена на постојната формула. Но, да напоменам дека очекуваме да се договорат, зашто секогаш треба барањата на синдикатите и потребите и интересот на работодавачите да биде синхорнизиран за постојано да ја подобруваме економијата. Ниту еден договор не треба да биде на штета ниту на работниците, ниту на економијата зашто имаме кревка економија и се тоа понатаму влијае врз животниот стандард, економскиот раст и БДП – потенцира заменик-министерот.

Македонски








