
Во едицијата „И ете приказна“ на издавачката куќа Или-Или објавен е романот „Илина и тајните на Бабин Заб“ од Хана Корнети. Ова е втор роман од планираната трилогија за авантурите на Илина. Првиот роман „Илина и шумските тролови“ остави одличен впечаток кај помладите читатели кои со нетрпение го очекуваа неговото продолжение.

Во книгата повторно навлегуваме во двојниот живот на Илина: оној обичниот, дома и на училиште, и оној волшебниот, каде полека ја сфаќа комплексноста на што е тоа да се биде вештерка. Во двата света, авторката внесува нови комплексни слоеви, приказни и ликови кои ќе ги инспирираат читателите да размислуваат и, особено за децата, да се чувствуваат помалку осамени во предизвиците на растењето, семејниот живот и самоспознавањето.
Илина е истото умно и пресамоуверено девојче во кое се заљуби читателската публика. Тука е можеби малку позрела, зацврстувајќи го местото на овој серијал во традицијата на „Bildungsroman“ или на „Coming of age“ приказна“, вели уредникот на изданието Ведран Диздаревиќ.
Дизајнот на корицата повторно е на Александра Софрониеска, а промоцијата на романот ќе се одржи во пресрет на Новогодишните празници.

Македонски








