
Вчера вечер во македонскиот КИЦ во Загреб беше отворена изложбата „Со и без“ на Марија Сотировска Богдановска која што нуди плодна почва за феминистичко теоретска интерпретација, особено во тоа како се осврнува на често невидливите и потценетите аспекти на трудот – финансиски и емоционален – кои ги погодуваат жените во се’ уште патријархално доминантните семејства на Балканот.

Изложбата ја отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека, „Со и без“ е интерактивна инсталација што инсистира на активен гледач и учесник . во релација со аспектите на рутината на дневниците и архивите кои не’ соочуваат со поголемите универзални проблеми на родовата нееднаквост и економската зависност.
Во целост, „Со и без“ на Сотировска може да се гледа како феминистичка критика на невидливите структури кои ги дефинираат животите на жените. Со тоа што ги прави видливи линиите, циклусите и невидливите натписи што ги структурираат просторите на инсталацијата, таа ги поканува гледачите да размислат како истите тие сили дејствуваат во животот на жените, често незабележано и непризнаено. Инсталацијата се усогласува со целта на феминистичката теорија за разоткривање и предизвикување на скриената динамика на моќта, трудот и емоционалниот товар што непропорционално влијае на жените и во јавната и во приватната сфера, истакнува кураторката на изложбата д-р Ана Франговска.

Марија Сотировска Богдановска е дипломиран сликар со реставрација и конзервација, а потоа се стекнува со научното звање магистер по ликовни уметности од областа сликарство, на тема: „Артифициелноста на Маријола“ под менторство на проф. Благоја Маневски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На истиот факултет станува доцент на за Сликарство и трансмедиумски практики.
Има реализирано бројни самостојни и групни изложби во Македонија и странство, Куманово, Скопје, Струмица, Берлин, Софија, Белград, Гнилање, Подгорица, Загреб,Сплит, Прага, Москва, Пекинг и други.
Марија Сотировска Богдановска е ко-автор и една од основачите на Сликарската тајфа „Св.ап. Лука” при МПЦ со која имаат реализирано повеќе монументални проекти од применетата уметност низ земјава и странство, меѓу кој е и иконостасот за црквата Св. Злата Мегленска во Загреб.
Таа е исто така една од основачите на на групата АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и дел од женската група МОМИ кои имаат реализирано десет изложби во земјава и странство.
Изложбата „Со и без“ на Марија Сотировска Богдановска е поддржана од Министерството за култура и туризам ,а во македонскиот КИЦ Загреб ќе биде поставена до 16. ноември., каде сите заинтересирани љубители ќе можат да ја погледаат во присуство на авторката.

Македонски








