Skip to main content
1akyKJo4nZo

Јованов и Мекиќ се враќаат со „Адреналин“ – по 16 години повторно заедно на сцена

По пауза од цели 16 години, познатите македонски музичари Јован Јованов и Елвир Мекиќ повторно се здружија во заеднички проект. Новата песна „Адреналин“ само за еден ден собра над 80.000 прегледи на Јутјуб, потврдувајќи дека нивната музичка хемија не познава време.

Двајцата автори, кои во 2008 година ја раздвижија македонската музичка сцена со хитот „Слаба точка“, велат дека идејата за нов дует се родила спонтано, со желба да ја оживеат енергијата од нивната прва соработка.

„Песната се создаде на почетокот на оваа година. Како автори се потпишуваме ние двајцата, заедно со Христијан Настески, Пајак и мојот брат Иван Јованов. Првично планиравме да ја објавиме пред лето, но поради други околности решивме тоа да биде есенски проект“, изјави Јованов.

Елвир Мекиќ додава дека по долгата пауза чувствува вистинска возбуда:

„Среќен сум што повторно работиме заедно. ‘Адреналин’ ја носи нашата препознатлива енергија, но во современо издание. Со нетрпение ги очекувам реакциите на публиката.“

Песната се одликува со брз ритам и заразен звук, а видеоспотот е снимен во Штип во продукција на Урбан рекордс, дополнително надополнувајќи ја динамиката на музичкиот проект.