Skip to main content

„Слики од под планината“ – изложба на Сергеј Андреевски во КИЦ во Софија

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија вечер ќе биде отворена изложбата „Слики од под планината“ на уметникот Сергеј Андреевски, на која ќе бидат претставени 20 негови дела насликани со маслени бои.

Во нив авторот преку својот препознатлив стил и експресија ги изразува своите моментални чувства. Фигуративните сцени се често претставени во зелена средина, секојдневни сцени, наизглед обични, но создадени со авторовите силни чувства кои зрачат, зборуваат и никого не оставаат рамнодушен. соопшти македонскиот КИЦ во Софија.

Сергеј Андреевски (1960, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1986 година. Од 1987 до 2010 година имал студиски престои, резиденции и предавања во Рим, Нирнберг, Орхус во Данска, Париз, Имадате во Јапонија, Истанбул, Лексингтон во САД, Кромарти во Шкотска, Александрија во Египет, Сиди Бу Саид во Тунис.

Самостојните претставувања на уметноста на Сергеј Андреевски се над 60 изложби во Македонија, Јапонија, САД, Франција, Германија, Велика Британија, Словачка, Словенија и Србија. Учествувал во над 200 групни претставувања низ светот. Неговите дела се дел од поставки на приватни колекционери и национални установи во земјава, а уште повеќе во странство, се наведува во најавата за изложбата на Андреевски во Софија.

Поврзани вести