Skip to main content

Реал Мадрид не ги заборава своите легенди: Македонската спортска икона Владимир Богоевски на средба со Флорентино Перез

Фејсбук профил на Македонски олимписки комитет

Големината на еден клуб се мери не само по неговите трофеи, туку и по начинот на кој ги третира своите поранешни ѕвезди. Реал Мадрид уште еднаш докажа дека е гигант во секоја смисла, приредувајќи специјален пречек за една од најголемите легенди на македонскиот спорт, Владимир Богоевски, објави на својот профил Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Богоевски имаше ексклузивна средба со моќниот претседател на Реал Мадрид, Флорентино Перез. Поканата, која пристигна директно од кабинетот на Перез, беше за заедно да го проследат натпреварот од Шпанската Примера лига помеѓу Реал Мадрид и Валенсија. Од свечената ложа на легендарниот стадион „Сантијаго Бернабеу“, Богоевски и Перез уживаа во фудбалската претстава и победата на домаќинот.

фото: Фејсбук профил на Македонски олимписки комитет

Богоевски е легенда на одбојкарската екипа на Реал Мадрид, каде што настапуваше со огромен успех во раните 1980-ти на 20-от век.

Оваа средба не е само куртоазен гест, туку длабоко признание за придонесот на Богоевски. Разговорот меѓу двајцата спортски великани, поминал во пријателска атмосфера, евоцирајќи спомени од минатото, но и разговарајќи за идните спортски предизвици.

фото: Фејсбук профил на Македонскиот олимписки комитет

Богоевски, кој денес ја извршува функцијата спортски директор на МОК, со оваа посета уште еднаш го потврди својот висок углед во меѓународните спортски кругови. Гестот на Флорентино Перез е големо признание за кариерата на Богоевски, но и за македонскиот спорт во целина.

Поврзани вести